Доколку посветено ја следеле работата на АХВ, наместо да сеат лаги и да ги манипулираат сточарите и јавноста, ВМРО-ДПМНЕ ќе знаеа дека мерката за забрана за чување на свињи на отворено за која тие наводно алармирале, е донесена и е на сила уште во 2019 година, заедно со сетот мерки за спречување на појава и ширење на вирусот африканска свинска чума во земјава, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), како реакција на денешните обвинувања на Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделие на ВМРО-ДПМНЕ.
Според АХВ, Болеста е под контрола и тоа одговорно го тврдат.
-Во експресено брз рок спроведена е мерката за депопулација на свињите во радиус од 3 километри од двете жаришта во Делчевско, а мерката за фармите со висок ризик, ќе продолжи да се спроведува и на фармите во зоната под надзор во радиус од 10 километри.
Во поглед на овој вирус, ефикасен е воспоставениот систем за контрола и лабораториско испитување на секоја пратка свинско месо и производи од свинско месо кои доаѓаат во земјава од држави каде болеста е потврдена, како резултат на што се уништени две пратки во кои е детектирано присуството на вирусот. Една по потекло од Бугарија, другата од Германија.
ВМРО-ДПМНЕ да не се грижи. Досега ефикасност е потврдена и на мерките за контрола на болеста кај дивата популација свињи, наведуваат од АХВ во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали Агенцијата за храна и ветеринарство и Владата на Република Македонија се на висината на задачата во справување со оваа подмолна и мошне опасна заразна болест кај свињите.
-АХВ и Владата не ја сфатија важноста на имплементирањето на превентивните мерки во спречување на појавата на болеста за кои укажавме уште 2019 година со носењето предлог сет мерки?, праша Трипуновски.