Д-р Киријас: Генетска предиспозиција за полесно инфицирање една од причините некој по втор или третпат да се зарази со Ковид

од Vladimir Zorba

Новата омикрон варијанта на САРС-КоВ2 вирусот ја скрати појавата на симптомите на околу 3 до 5 дена по иницијалниот контакт. Колку трае заразноста нема точни податоци, но се смета дека индивидуата е заразна еден до два дена пред појавата на симптомите и за поголемиот број на случаи, до околу 7 до 10 дена по појавата на симптомите, вели во разговор за „Локално“, професор др. Мери Киријас од Институт за имунобиологија и хумана генетика, објаснувјќи дека симптомите ако перзистираат подолго време во тој случај индивидуата треба да биде изолирана за целиот тој период.

Според инунологот одлуката за времето за траењето на изолацијата треба да се донесе според достапните податоци во моментот и да подложи на промени како што се менува епидемиолошката состојба во земјата.

Кои се симптомите на „флурон“?

Симптомите на грип и КОВИД-19 се многу слични и затоа без лабораториска потврда не можеме да тврдиме дали станува збор за едниот или другиот вирус. Најчести симптоми се покачена температура, затнат нос, болки во грлото, болки во мускули, главоболки и малаксаност, како и губиток на вкус и мирис. Станува збор за вируси кои се шират на истиот начин (преку респираторни капки или аеросоли ослободени при зборување или кивање) и затоа не изненадува фактот дека една индивидуа може да биде истовремено инфицирана со двата респираторни вируси.

„Симптоматологија е многу слична, а каков ќе биде текот на болеста зависи од повеќе фактори како општата здравствена состојба, присуството на хронични болести, возраста“, објаснува др.Киријас.

Лицата кои се прележани и вакцинирани имаат повисоки антителата

Докторката вели дека генетска предиспозиција за полесно инфицирање со вируси е една од причините за кои се претпоставува дека може да се заразат лицата по втор или третпат со Ковид.

-Кои се причините зошто некои индивидуи по неколку пати се заразуваат со вирусот на САРС-КоВ2 е прашање на кое многу научници се обидуваат да дадат одговор. Точна причина се уште не е позната, иако има повеќе претпоставки како: генетска предиспозиција за полесно инфицирање со вируси или почеста директна изложеност на тие индивидуи на вирусот, објаснува имунологот.

Според неа лицата кои се прележани и вакцинирани имаат повисоки вредности за антителата отколку индивидуи кои се само вакцинирани.

-По шест месеци од вакцинацијата таа вредност е намалена но се уште можат да се детектираат. Без позитивен ПВР резултат или симптоматологија карактеристична за КОВИД-19 не можеме со сигурност да тврдиме на што се должи зголемената вредност. Повеќето тестови кои се користат за одредување на вредноста на антителата го користат S (spike) протеинот или RBD (receptor binding domain) како антиген. Друг начин за одредување дали индивидуата прележала КОВИД-19 е да се детектира присуство на антитела кон N протеинот. Резултатот потешко се интерпретира кај индивидуи кои примиле Синофарм или Синовак вакцина бидејќи можно е да се детектираат антитела кон N протеинот кај нив, објаснува др.Киријас.

Вирусот не може да го снема, да научиме да живееме со него

Во врска со носењето маски во училиштата имунологот истакнува дека токму тие се едни од најефикасните мерки во спречување ковидот да се рашири.

-До денес носењето маски се покажа како една од најефикасните мерки за спречување на ширењето на вирусот, посебно во затворени простории. Присуство на позитивно дете во едно одделение според сегашните протоколи во училиштата подразбира изолација само на децата кои биле во непосреден контакт. Доколку не се носат маски тогаш ќе треба цело одделение да оди во изолација и ризикот за ширење на вирусот е поголем, а со тоа и пренесување на вирусот на постарите членови на семејството. Препораките за носење или не носење на маски во училиштата ги носат епидемиолозите според последните податоци што ги имаат и епидемиолошката состојба во моментот, смета др.Киријас.

За тоа дали овој вирусот ќе „исчезне“ и ќе може да функционираме како порано, докторката вели дека според многуте досегашните проценки, не може точно да се знае кога на оваа падемија ќе и дојде крајот.

-Сите напори се насочени кон тоа да ја направиме транзицијата од сегашната пандемија кон ендемско постоење на вирусот. Јасно е, вирусот не може да го снема туку да научиме да живееме со него, вели таа.

Б.М.

Слични содржини