Цената на електричната енергија на берзите долгорочно ќе се стабилизира од 80 до 120 евра за мегават час, но мислам дека цела 2022 година нема да ја поминеме со помал просек од 150 евра, можеби малку ќе се стабилизира во 2023 година и ќе падне до 120 или 130 евра, но повеќе нема да видиме цени под 80 евра по мегават час, порачува поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев во интервју за МИА.
– Мислам дека беше залажување тоа во текот на празниците дека се стабилизирала берзата. Не. Значи, се намали потрошувачката, бидејќи индустријата не работеше, а таа е главен консумент на енергија и затоа цените во текот на новогодишните празници паднаа, но ако ги гледате и претпоставките и берзите и тоа што дневно се тргува на берзите ќе видите дека цената се движи повторно помеѓу 200-250-260 евра по мегават час што е исклучително висока цена, истакна тој
Ова што денеска го имаме, продолжува, сите го викаат како енергетска криза, а јас не го викам енергетска, туку финансиска криза, бидејќи енергетска криза би било доколку некој нема електрична енергија во Европа.
-Како што гледаме никој не се жали дека нема електрична енергија, сите имаат електрична енергија, што значи дека кризата не е дека нема енергија, туку кризата е дека енергијата е скапа, посочува тој.