Не се смирува бурата околу судењето и депортацијата на Новак Ѓоковиќ. Наводно, денеска судот добил документ со кој се потврдува дека Србинот не е опасност по јавното здравје на Австралија, а токму тоа бил аргументот на министерот за имиграција, Алекс Хок, за да ја укине визата за најдобриот тенисер во светот.
Тој документ до судот пристигнал од Министерството за здравство на Австралија. Тие дале свое мислење по претпоставката дека Новак Ѓоковиќ добил позитивен тест на 16 декември 2021 година, дека бил негативен на 22 декември минатата година и дека бил асимптоматски барем до 27 декември.
– Користејќи ги горенаведените претпоставки, можеме да потврдиме дека Новак Ѓоковиќ е заразен со коронавирус, па иако не бил вакциниран, тоа значи дека е заштитен од коронавирусот во следните неколку месеци. Неговиот негативен тест, кој го доби на 22 декември, покажува и дека се заразил со вирусот и дека има антитела. Нема голема веројатност да биде опасен, па цениме дека не е ризик за жителите на Австралија – стои во документацијата која пред денешното рочиште во 23.30 часот беше проследена до судот.
Во текстот се наведува и дека Новак Ѓоковиќ не претставува ризик за јавното здравје на Австралија.
– Користејќи ги горенаведените претпоставки, ќе кажеме дека нема голема веројатност да зарази некого и дека не спаѓа во ризичната група на луѓе кои би го пренеле вирусот на друго лице – стои во документот доставен до судот, кој ќе биде материјал за тричлениот совет.