Новиот премиер Димитар Ковачевски доцна вечерва информираше дека почетокот на второто полугодие од учебната година се одложува за 1-ви февруари.
-Оваа одлука ја донесовме на денешната втора седница на Владата во интерес на заштита на здравјето, согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата. Одлуката второто полугодие да продолжи на 1 февруари нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни, со соодветна адаптација на наставните планови, објави Ковачевски.
Ваквата одлука следува откако Главниот координативен кризен штаб за справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот донесе заклучок дека во моментот, епидемиолошки земјата се наоѓа во пик, поради кој препорачува да се одложи учебната година до 01 февруари 2022, со предуслов да се упатат силни апели до родителите за строго придржување на мерките за заштита од коронавирусот.
Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе известуваат на почест интервал околу следењето на состојбата за да може да се прилагодат препораките доколку се јави потреба.