Од 5 септември годинава во Хрватска цените во продавниците ќе бидат и во куни и во евра. Ова го соопшти Премиерот Андреј Пленковиќ, цитиран од локалните медиуми.
Пленковиќ изрази надеж дека од јануари 2023 година земјата и официјално ќе биде дел од еврозоната.
Хрватскиот премиер го повтори апелот до граѓаните кои чуваат куни дома да ги депонираат во банките за да можат автоматски да се претворат во евра.
Презентирајќи го предлог-законот за воведување на еврото како официјална валута во земјата, Пленковиќ рече дека „цените ќе бидат изразени во куни и евра во текот на 2023 година“.
Тоа значи и дека доколку земјата навистина стане дел од еврозоната на 1 јануари следната година, куната ќе може да се заменува за евро една година, а тоа ќе биде бесплатно во Хрватската народна банка.
Министерот за финансии, Здравко Мариќ од своја страна рече дека куните во банките автоматски ќе се претвораат во евра по официјалниот курс кој изнесува 7.534 куни за евро.
„Од 5 септември цените ќе бидат во куни и евра, но убеден сум дека некои трговци ќе почнат уште порано. Четири месеци пред и 12 месеци по воведувањето на еврото задолжително е да има двојно означени цени“, нагласи Мариќ.