Додека земјата минува низ уште еден бран на инфекции со КОВИД-19, сè почесто предизвикан од сојот Омикрон, најдобриот интерес на детето мора да има централно место при секое одлучување дали училиштата да останат отворени. Одлуката на Владата за одложување на почетокот на учебната година по зимскиот распуст треба да биде мерка од привремен карактер и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците.
„И претходно се случуваше во земјава да се одложува почетокот на учебната година поради лошите временски услови, но сега ситуацијата се промени. Претходните одложувања на почетокот на учебната година беа ретки и изгубеното време за учење беше компензирано. Сегашната ситуација се влошува со долги периоди на затворање на училиштата поради пандемијата. Уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата. Пред пандемијата на КОВИД-19 Северна Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето при што повеќе од половината од сите петнаесетгодишници во земјата не успеваа да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика.
„Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период.
„Јасно е дека во најдобар интерес на децата е да бидат во училниците и повторното отворање на училиштата треба да биде приоритет за целата држава. Ризиците со коишто децата се соочуваат кога се надвор од училиште и понатаму се поголеми од ризиците во училиште.
Освен тоа Уницеф смета дека затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо. Поради тоа треба да се избегнува затворање на училишта на ниво на целата држава.
Притоа додаваат: Кога се зголемува стапката на заразување со КОВИД-19 во заедницата и кога строгите мерки за јавно здравје стануваат неопходност, училиштата мора последни да се затворат, а први да се отворат. Што кажува за нашите приоритети ако училиштата се затворени, а другите јавни места остануваат отворени? Општеството и Владата имаат можност да им покажат на децата дека тие се најважниот ресурс на оваа земја така што ќе овозможат училиштата да бидат безбедни и отворени за настава во живо. 2022 не смее да биде уште една година на нарушено учење. Треба да биде година во која образованието и најдобриот интерес на децата ќе имаат првенствена важност.