Ангелов: Карпа од 20 тони и се заканува на браната на Матка

од Берта Китинска
384 прегледи

Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување на кризи, денеска алармираше дека во кањонот Матка над браната има нестабилна карпа со тежина од 20 тони на висина од 100-тина метри. Таа може во секое време да се излизга и да падне во водата, но и да повлече со себе лавина од други карпи и камења кои би можеле да го загрозат ѕидот на хидроелектраната.

ЕВН Електрани веќе биле предупредени од алпинистите дека карпата е во нестабилна состојба.

– Долга е од 6 до 8 метри кубни и тежи 20 тони, на висина од 100 метри. При лизгањето постои можност да биде предизвикана лавина од други камења кои би паднале во близина на ѕидот, но ние дополнително сакаме да ги провериме ваквите податоци. Падот би бил во непосредна близина на испустот. Карпата се наоѓа на самиот врв од гребенот, изјави Ангелов.

Директорот на ЦУК додаде дека карпата може таму да остане уште 100 години, но должност на центарот кој тој го води е да ги извести релевантните институции.

– Нема место за кревање паника, но ја известуваме компанијата со чамците местото да не го користат блиску до браната. Ризикот е многу мал, но сакаме да делуваме превентивно, да не се користи овој дел од ѕидот на браната, истакна Ангелов.

Тој додаде дека од набљудувањето е заклучено дека карпата изгледа како да ја држи само триење, а ќе следува набљудување со дронови, по што институциите би излегле со конкретни мерки.

Слични содржини