Секој пат сте немоќен кога пред вас ќе се исправи класичниот Македонец, со неговото најсилно оружје, а тоа е глупоста. Има една закономерност на социјалните мрежи: колку се попрости, елементарно неграмотни (неписмени), плитки во умот по односната тема на која ѓомити дискутираат, тие секогаш се убедени дека се во право и дека најмногу знаат. И тука сте немоќни, нема потреба да влегувате во „дебата“, бидејќи тоа ќе ви одземе време, енергија и нерви, кои доколку ги имате во ова време-невреме на пандемија од Ковид-19 вирусот, се повредни и од суво злато.
Во една од своите национални дисциплини, Македонецот, интересно, се чувствува и доминантен. Позади тастатурата, тој е свој, дадено му е време и простор, замислете, да го (ис)каже својот став, своето мислење, да се почувствува и тој битен во општествените текови, дека има свое јас, и најчесто тоа се сведува на два три лаички „аргументи“, кои потоа преминуваат во безочни, грозоморни, вулгарни навреди од најдолен тип.
Освен, генерално позитивните аспекти кои ни ги нудат социјалните мрежи, од техничко-технолошкиот развој па наваму, тие за жал, во нашиот случај, станаа и платформа на која хистеризираната јавност, креира, замислете и јавно мислење. За да знаете, накаде да го насочите кормилото на македонскиот „брод“ низ опасните меѓународни води, и правилно да ја насочите траекторијата, за да ги избегнете сите сцили и харибди по патот, за да не ви се случи бродолом, секој пат, ама во вистинската смисла на зборот, секој пат ориентирајте се обратно за 180 степени од тоа генерално „јавно мислење“ на Македонците на социјалните мрежи.
НАТО е наше злато!
Се шири, генералната теза дека Македонија „не добила ништо“ од своето членство во НАТО алијансата, и дека за џабе го променила своето уставно име за севкупна употреба, и пазете бога ти, надворешно-политички да сме се ориентирале кон „мајка Русија“. Точно, цената која ја плативме за решавање на македонско-грчкиот наметнат и апсурден спор околу нашето име, со Преспанскиот договор со име за севкупна употреба е голема, но во дадениот историски момент, после тридецениско непомрднување од мртва точка во „разговорите за разликите околу името“ и децениската блокада на нашите евро и евроатлански интеграции, во тој момент, решението изнудено од американската булдожер дипломатија и кооперативноста на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, беше најповолното, односно единствено можно решение за да ја фатиме последната подотворена мала вратичка за наш прием како триесетта полноправна членка на најмоќната воена алијанса во светот-НАТО. Токму и така влеговме, на мала врата.
Тоа членство нам не извлече од кошот во кој бевме ставани и поврзувани со Босна и Херцеговина и Косово, преостанатите две невралгични точки на Балканскиот полуостров, за кои и до ден денеска се разговара за нивниот евентуален територијален расплет и нов распоред, со прекројување на нивните граници и спојување на нивни делови со своите поголеми матични држави ( Србија/Албанија). Тоа гарантирање на нашиот територијален интегритет и суверенитет во наредните најмалку сто години, ако сакате, е бесценет капитал и влог во немирниот и брдовит Балкан, во кој денеска навидувам има само привиден мир, со опасност која демне од позади секој агол за нови балкански крвопролевања и етнички чистења во обид за создавање на етнички големи држави.
Русија е нашиот враг!
Од друга страна пак, драги мои читатели, „братската“ словенска , моќна и голема Русија, не само што низ историјата никогаш не застанала дипломатски или воено на наша страна (како што застанала позади независноста на Бугарија, на пример), туку напротив, секој пат, кога меѓународните околности, дури и по случајност на историјата ќе создаделе минимална шанса за македонско конституирање во посебна државност, моќната руска дипломатија тоа го осуетувала и го спречувала, поради нејзини пресметливи интереси на Балканскиот полуостров, најчесто користејќи го „македонското“ прашање како монета за поткусурување во апетитите на новосоздадените мали балкански монархистички монархии, кои прво пропагандно, потоа и воено ќе се пресметаат за распределба на македонската етногеографска целина помеѓу себе си.
Така било при балканските војни во кои беше распокината македонската етногеографска целина, и каде што во Букурешт 1913-та година, при посредување на завојуваните балкански држави (Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора, Романија и Турција), рускиот цар беше „арбитар“, односно посредувач, така беше, ако сакате и по завршувањето на Втората светска војна, кога преку „Бледските“ договори помеѓу Тито и Димитров (Георги), се создаде историска можност за припојување на Пиринскиот дел на Македонија кон одржавотворениот Вардарски, односно кон новофомираната македонска република, тогаш во рамките на штотуку создадната СФР Југославија. И тој обид, реален, за кој постојат и историски архивски записи и сведоштва, пропаднал токму поради руската дипломатија.
И како сега, кажете ми, вие може да чувствувате, трошка благонаклонетост кон руската надворешна политика, или уште пострашно да сакате да влезете во сојуз со неа, при овие погоренабројани факти и аргументи?! Или пак мислите дека таа е сменета, денеска, од пред сто години, и дека е позитивна за нас и нашите интереси?! Секој кој малку разбира од политика, особено од меѓународна, знае дека таа во дипломатскиот свет е константна, однсоно за да ја промени целосно својата траекторија, треба да се случи нешто невидено и невозможно. Ниту се случило такво нешто во нашите дипломартски и сојузни односи со Руската федерација во овие триесетина години на наше меѓународно општење, ниту пак Русија е животно заинтересирана за македонските голготи во меѓународната политика. Напротив, и како пред повеќе од еден век, и денес ги користи како маша (монета за поткусурување) и провокација помеѓу соседните (закрвени) балкански држави околу македонското национално прашање.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот