Цените на нафтата пораснаа денеска во азиската трговија поради загриженоста за прекин на снабдувањето и растечките тензии во Источна Европа и Блискиот Исток, што дополнително ја влошува и онака напнатата ситуација со понудата на пазарот.

Фјучерсите на северноморската нафта брент (договори за идна испорака по однапред договорена цена) пораснаа за 81 цент или 0,9 отсто на 88,70 долари за барел на тргувањето до 3:44 часот по средноевропско време, пренесе Ројтерс.

Фјучерсите на американската сурова нафта WTI се зголемија за 72 центи, исто така 0,9 отсто, на 85,86 долари за барел, откако паднаа за 0,5 отсто во петокот.

Минатата недела беше петта по ред во која цените на двата вида нафта пораснаа за околу 2,0 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво од октомври 2014 година, додека од почетокот на 2022 година забележаа раст од над 10 отсто поради недоволната понуда.

Стравувањата на клиентите од прекин на испораките во Источна Европа ги подгреа информациите дека САД во неделата наредиле да се вратат членовите на семејствата на вработените во американската амбасада во Украина, наведувајќи ја континуираната закана од воена акција од Русија.

Доцна во неделата, Њујорк Тајмс објави дека американскиот претседател Џо Бајден размислува за распоредување на неколку илјади американски војници во земјите сојузници на НАТО во Источна Европа и Балтикот.

На Блискиот исток, Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати соопшти дека утринава биле пресретнати и уништени две балистички ракети истрелани од јеменските Хути врз таа земја од Персискиот залив и дека нема жртви, пренесе Ројтерс, повикувајќи се на државната новинска агенција VAM.

Групата ОПЕК +, составена од членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Русија и други производители надвор од нафтениот картел, се бори да постигне цел месечен пораст од 400.000 барели дневно (bpd) поради прекини или нарушувања во некои земји.

Слични содржини