Најголем дел од министрите кои што повеќе не се дел од Владата, максимално користејќи ги сите функционерски привилегии, ќе продолжат да земаат плата од Буџетот на Република Македонија и по престанокот на нивната функција, односно таканаречената апанажа, соопштуваат од Левица.
На нив им следува 100 % од платата која што ја земале додека биле министри, а за министерување од 24 месеци, законот предвидува можност за земање на апанажа од 12 месеци. Додека пак, едно невработено лице за да земе надоместок по основ на невработеност 24 месеци, потребно е да има работен стаж од 25 години!, велат од партијата на Апасиев, додавајќи дека воопшто не изненадува фактот дека ниту еден од овие министри во време на економска, здравствена и енергетска криза не се откажа од оваа привилегија.
Затоа пратениците на Левица до Собранието ќе поднесат предлог – Закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во Републиката – со цел укинување на апанажата.