Четири бронзени медали освои македонската сноуборд репрезентација на меѓународниот ФИС натпревар што се одржа на Бјелашница, Босна и Херцеговина. И покрај неповолните временски услови, спортистите кои се дел од Скијачка федерација на Македонија, успеаја да обезбедат добар пласман на ова натпреварување. Карло Дерибан освои трето место во категоријата „Big Air“, Ведран Лауренчиќ во категоријата „Slopestyle“ и Слободан Саздовски кој освои две бронзени медали во категориите „Slopestyle“ и „Big Air“, во различни возрасни категории.
Ова е прв меѓународен ФИС натпревар за најдобрите македонските натпреварувачи во сноуборд во 2022. Со постигнатите резултати на натпреварот во скијачкиот олимписки центар на Бјелашница, македонските спортисти ја исполнија нормата на Скијачката федерација на Македонија. Натпреварот го организираше клубот Freestyle од Сараево.
„Големата посветеност и љубов кон овој спорт, придонесоа за овие врвни резултати и покрај неповолните временски услови. Нашите спортисти покажаа дека се конкурентни и дека поседуваат одлични квалитети со кои можеме да се гордееме. За мене овие успеси се дополнителна мотивација, но и обврска во иднина да работиме повеќе и да постигнеме уште подобри резултати. Истовремено ќе работиме на создавање на што подобри услови за тренинзи и развој на зимските спортови“, истакна Кирил Насков, тренер во Скијачката федерација на Македонската.
Македонските сноубордери кои донесоа четири бронзени медали, Дерибан, Лауренчиќ и Саздовски се членови на сноуборд клубот Полар, кој работи на спортска едукација на деца и младинци од 1996 година. Со своите активности клубот Полар дава голем придонес во развојот на зимските спортови особено во сноубордингот. Од основањето во клубот членувале и биле дел од неговите активности над 4500 деца и младинци. На натпреварот одлични настапи во сноуборд имаа и Бојан Скендеровски и Марко Петровски.
Македонските спортисти во рамките на планираните активности следниот викенд ќе учествуваат и на меѓународниот натпревар што ќе се одржи во Анилио, Република Грција.