Формирана работна група во МНР за случувањата во Украина, се уште без препораки за македонските државјани

од Vladimir Zorba
250 прегледи

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија внимателно ги следи состојбите во и околу Украина и преку нашата Амбасадата во Киев е во постојана комуникација со надлежните институции во земјата, велат за Локално од МНР за тензиите кои во последниве денови се случуваат во земјата.

Оттаму додаваат дека во рамки на Министерството за надворешни работи формирана е работна група што го следи развојот на настаните и безбедносната ситуација во Украина, како и одлуките на Европската унија и нашите пријателски земји во однос на актуелните случувања.

„Министерството за надворешни работи навремено ќе извести за евентуални препораки и насоки за постапување за нашите државјани“, додаваат оттаму.

Тензиите во Украина се зголемуваат откако Кремљ распореди десетици илјади војници во близина на границата со Украина, за што Западот тврди дека е подготовка за војна.

САД им наредија на семејствата на вработените во Амбасадата во украинскиот главен град Киев да ја напуштат земјата.

Канада вчера соопшти дека привремено ги повлекува семејствата на своите дипломати во Украина поради руското трупање на војници на границите со таа источноевропска земја.

Европската Унија пак не ги следи двете земји во повлекувањето на семејствата на дипломатите од Украина, соопшти високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

– Мислам дека не треба да ги трауматизираме тековните преговори. Мислам дека не треба да си заминеме, истакна Борел.

Б.М.

Слични содржини