Британски разузнавач: Путин игра покер, а не шах

од Nikola Popovski
294 прегледи

Зошто рускиот претседател Владимир Путин не сака да ја остави Украина сама? Можеби затоа што навистина не може да го направи тоа, изјави поранешниот шеф на британската надворешна разузнавачка служба МИ6, Алекс Јангер.

Во интервју за американската телевизиска мрежа „АБЦ“, Јангер изјави дека не гледа сценарио во кое Путин се повлекува, во ситуација кога расте стравот од руската инвазија на Украина, пишува „Гласот на Америка“.

-Не гледам како ќе се повлече, а во исто време ќе ги исполни очекувањата што самиот си ги постави, изјави Јангер.

Тој оцени и дека Путин „игра покер, а не шах“, за да си создаде различни опции.

Претходно британските власти процениле дека веќе има соработници на руската армија внатре во Украина кои учествуваат во тековните акции во земјата.

Украинската безбедносна служба објави и дека во земјата има група саботери кои планираат напади во пограничните области, а со кои раководат руските специјални сили.

Пентагон претходно ја обвини Русија дека планира да исценира напад врз жителите на Украина кои зборуваат руски, а потоа тоа да го користи како изговор за инвазија на Украина.

Русија негира дека планира инвазија на Украина, и покрај распоредувањето на повеќе од 100.000 војници долж границата. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Западот создава „хистерија“ и дека не е во план да се тргне во Украина.

Сепак, како што растат тензиите во Источна Европа, западните аналитичари и дипломати стравуваат дека геополитичкиот конфликт ќе достигне точка каде што ќе биде невозможно да се избегне конфликт на теренот, а Путин се стави себеси во позиција во која нема враќање назад.

Путин се обидуваше да го зајакне влијанието на Русија во Источна Европа по Студената војна. Клучен елемент на проектот е одржување на влијанието врз Украина и спречување на Киев да се приклучи на НАТО.