Се надевам дека претседавањето на Франција ќе ја промени динамиката во приближувањето на Западен Балкан, тргнувајќи од нашиот пример. Тоа ќе биде одличен сигнал за нас, но и за целиот регион, како и за враќање на довербата и кредибилитетот на ЕУ, рече вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на денешната тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс”.
Маричиќ истакна дека земјава со години наназад е во процесот, а особено последните пет години покажа искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите, посебно во клучните области. Европските извештаи, оцени, недвосмислено потврдуваат дека сме успешни и одиме напред.
-Реализиравме и една од нашите стратегиски цели, станавме членка на НАТО. Сега е крајно време да ги почнеме и пристапните преговори со ЕУ, порача вицепремиерот и додаде дека реформите продолжуваат, а целта е Европа да ја „донесеме” дома.