Бекер: Надал најмногу профитираше од депортацијата на Ѓоковиќ

од Nikola Popovski
363 прегледи

Борис Бекер, поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, ја прокоментира завршницата на Австралија опен и истакна дека депортирањето на Новак Ѓоковиќ од Мелбурн многу го нарушило турнирот, но и дека на Рафаел Надал му дало многу повеќе шанси да го освои 21. Грен слем.

Познатиот германски тенисер оцени дека со учеството на Ѓоковиќ на првиот Грен слем сезонава, шансите на Надал за вториот пехар во Мелбурн би биле значително помали.

-Нема сомнеж дека депортацијата на Новак Ѓоковиќ од Австралија целосно го наруши Грен слем турнирот. Рафаел Надал е тој што најмногу профитираше од таа ситуација. Со Ноле во ждрепката би имал далеку помали шанси да го подигне трофејот, изјави Бекер.

И покрај тоа, тој смета дека шпанскиот тенисер завршил одлична работа во досегашниот дел од турнирот и дека одлуката да игра подготвителен турнир во Мелбурн била добра.

– Рафа уште еднаш ни покажа колку совршено може да се постави за две недели. Беше избалансиран кога тоа го бараше ситуацијата, додека противниците го чувствуваа притисокот. Неговиот избор да игра на турнирот 250 беше паметен потег. Тоа му требаше по долгата пауза, констатира Бекер.

Надал ќе игра против Матео Беретини во борбата за финалето на Австралија Опен, а тој меч ќе започне во петок наутро во 04.30 часот. Пет часа подоцна во второто полуфинале ќе се сретнат Данил Медведев и Стефанос Циципас.

Слични содржини