Без изненадување: Apple објави рекордни приходи и профит

од Vladimir Zorba
218 прегледи

Apple Inc. објави рекордни резултати за последниот квартал од 2021 година, а акциите реагираа со раст од 4 отсто, откако извршниот директор Тим Кук изјави во интервју за The Wall Street Journal дека проблемите во синџирите на снабдување почнуваат да опаѓаат.

Во последните три месеци од 2021 година, производителот на iPhone објави приход од 123,9 милијарди долари и профит од 34,6 милијарди долари – рекорд во историјата на компанијата.

Историските резултати доаѓаат и покрај проблемите во синџирите на снабдување кои вршат притисок врз компаниите ширум светот.

Во третиот квартал од 2021 година, Apple објави дека изгубил 6 милијарди долари од продажба поради ограничувањата и дури предвиде уште поголем „удар“ во последните три месеци од годината. Предвидувањето се покажа како точно, но Кук не ја сподели точната сума.

„Се соочивме со ограничувања во снабдувањето на речиси сите наши производи. Очекуваме дека тие ќе се намалат овој квартал“, рече Кук и предвиде раст на приходите во првите три месеци од 2022 година во споредба со истиот период минатата година.

Резултатите на Apple и реакцијата на пазарот беа внимателно следени како показател за извештаите на други големи технолошки компании. Во вторникот, Microsoft, исто така, пријатно изненади со силните профити и приходи кои ги надминаа очекувањата на аналитичарите.

Apple објави 9 отсто зголемување на приходите од продажба на iPhone на 71,6 милијарди долари. Продажбата на Mac е зголемена за 25 отсто, а продажбата на iPad е намалена за 14 отсто. Компанијата веќе предупреди на намалената побарувачка за таблети, а медиумите објавија дека Apple ќе ги приоретизира достапните компоненти за производство на iPhone.

Слични содржини