Трајкова: Просечната пензија во однос на просечната плата треба да изнесува најмалку 60%

од Vladimir Zorba
1,5K прегледи

Пензионерите се меѓу основните категории граѓани кои според очекувањата ќе се пријават на јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања. Од страна на Сојузот, огласот е веќе доставен до сите Здруженија на пензионери кои на највозрасните во државата треба да им помогнат да аплицираат и да ги приложат бараните докази.

„Ова е позитивна мерка со која, освен пензијата, може да се помогне на пензионерите во нашата држава’“, изјави за „Локално“ Станка Трајкова, претседател на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.

Според неа, во насока на подобрување на нивниот животен стандард може да придонесе и продолжување на мерката за замрзнувањето на цените на основните производи.

Во услови на се погласни барања за зголемување на пензиите, особено во контекст на последните поскапувања, на тежина добива барањето, при усогласување на пензиите да се земе предвид дел од порастот на просечната плата на вработените во Републиката како и дел од  порастот на трошоците на животот.

Според Трајкова, за овој предлог има позитивна реакција од властите и потреба од донесување на Закон за изменување и дополнување на ЗПИО. „Со користење на два параметри се постигнува баланс во усогласување на пензиите.Овој предлог значи неусловено законско усогласување без донесување на акт од Владата туку директна примена на ЗПИО од страна на Фондот на ПИОМ, а врз основа на официјални податоци од Државниот завод за статистика“, вели Трајкова.

Зголемувањето на јануарските пензии  за 2.9 отсто  е секако позитивна вест за 328.570 пензионери.Што ќе значи тоа за пензионерите особено ако се знае дека просечната пензија ќе се зголеми за 460 денари а минималната за 304 денари?

-Да, имате право од 1 јануари 2022 година сите видови на пензии се усогласија со 2,9% што претставува најголемо зголемување на пензиите согласно трошоците на животот од 2019 година.Тоа значи подобрување на материјалниот статус на корисниците на пензија, кое зголемување им е засметано во висината на јануарската пензија што ќе претставува основа за наредно усогласување на пензиите.

Повисоките пензии се резултат на  законското усогласување кое се врши двапати годишно согласно процентот на пораст на индексот на трошоците на живот.Токму овој модел е причина за негодување на пензионерите  кои бараат при корегирањето на пензиите да се земе во предвид и растот на платите. Има ли Владата слух за ова барање? Што ќе значи за пензионерите доколку ваквото барање биде прифатено?

-Усогласувањето на пензиите според трошоците на животот се однесува на сите пензии,а не само на највисоките. Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија , а тоа е  и барање на пензионерите, предложи во формулата за усогласување на пензиите да се земе предвид дел од порастот на просечната плата на вработените во Републиката и дел од порастот на трошоците на животот. Се смета дека со користење на два параметри се постигнува баланс во усогласувањето на пензиите. Имено, доколку еден параметар заостанува се надополнува со друг. За овој предлог има позитивна реакција од властите и потреба од донесување на Закон за изменување и дополнување на ЗПИО. Овој предлог значи неусловено законско усогласување без донесување на акт од Владата туку директна примена на ЗПИО од страна на Фондот на ПИОМ, а врз основа на официјални податоци од Државниот завод за статистика.

Колку според Вас општеството има разбирање за пензионерите? Во последната изјава за нашиот портал, директорката на Фондот за ПИОМ рече дека Фондот има пари и дека треба да се зголемат пензиите а истото неодамна го кажа и Владата но не беше прецизирано дали и кога годинава тоа ќе се случи.

-Според постојниот ЗПИО усогласувањето на пензиите може да се оствари и со порастот на платите доколку минималната плата има пораст над 15% во тековната година и пораст на просечната плата во претходната година повеќе од 5% . Тоа значи дека ова усогласување е условено со барање споменатите параметри кумулативно да се исполнат, а начинот како ќе се усогласат пензиите, со акт ќе го определи Владата.

Ова усогласување може да биде и со примена на дегресивна скала со поголем пораст на помалите пензии. Но дали ова усогласување ќе се оствари зависи од порастот на споменатите параметри, а според сегашните движења на платите и најавеното дополнително усогласување на пензиите се очекува во наредниот период да имаме и такво зголемување на пензиите. Законското усогласување според порастот на трошоците на живот, задолжително се применува  бидејќи тоа е со закон утврдено, не е условено со донесување на некаков акт и не зависи од волјата на одредени субјекти.

Што покажуваат вашите анализи? Колкав треба да биде соодносот на просечната пензија во однос на просечната нето плата, а колкав на минималната пензија во споредба со минималната плата?

-Според критериумите на пензиските ситеми, просечната пензија во однос на просечната плата би требало да изнесува најмалку 60%. Доколку ова учество заначително се намалува тоа е “аларм” да се преземат одредени мерки, како што сега се најавува дополнително усогласување. Во актуелниот момент овој сооднос изнесува 56 %, со зголемувањето од 2,9 %, просечната пензија изнесува 16.336 денари додека најнискиот износ изнесува е 10.663 денари.Соодносот осигуреник/пензинер е 1/1,7, а активнот број на осигуреници кои обезбедуваат средства за исплата на пензиите во декември 2020 година изнесува 571.863 осигуреници.

Едно од барањата е и да има скалесто зголемување на пензиите, со цел оние со најниски пензии да добијат поголемо зголемување. Колку според Вас ова е оправдано? 

-Во предлозите на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија содржан е и предлог за дегресивна скала како можност кога во одделни периоди има заостанување на ниските пензии, тие да бидат усогласени повеќе. Овој модел е многу деликатен и треба внимателно да се применува, за да не се пореметат соодносите на пензиите и да не се случи евазија од неплаќање на продонесот.Овој модел бил присутен и во нашиот пензиски систем,но многу ретко.

Од 2019 г. се воведе и социјалната пензија од 6000 ден. за луѓето кои немаат редовна пензија ниту друг вид приходи за живот.Треба ли да се направат соодветни корекции и тука со оглед на трошоците за живот? Колкав е бројот на луѓе кои живеат со овие 6000 денари? 

-Социјалната пензија не е во домен на СЗПМ, туку спаѓа во социјална заштита. Можам да кажам дека тоа е голем чекор во обезбедување на старите лица кои немаат основна егзистенција. Нема посреќни луге од овие стари лица затоа што и за нив се покажа дека се грижи нашата држава.

Според последните податоци, просечната пензија во декември била 15.867 денари. Дури 27,14 % од пензионерите имаат помала пензија од 11.000 ден., а над 18.000 ден. пензија имаат само 28,9 % од пензионерите.Од друга страна, растат трошоците за живот, особено сметките за струја. Дали можеби ќе побарате олеснување во плаќањето на оваа комуналија бидејќи најзагрозената категорија пензионери едвај го преживува месецот?

-Во Јавниот оглас објавен од Министреството за екононија на 11 јануари оваа година и трае еден месец, се офатени сите лица со ниски примања, кој оглас Сојузот го достави до сите Здруженија на пензионери, за да им се помогне да аплицираат и да ги приложат бараните докази.Ова е позитивна мерка преку која освен пензијата може да се помогне на пензионерите во нашата држава.

-Во насока на намалување на трошоците беше донесена мерката за замрзнување на цените на некои од прехрамбените производи. Што мислите за ваквата мерка? Колку таа навистина им помогна на пензионерите? Дали замрзнувањето на цените дава поголем ефект за нив, отколку можноста да се зголемат пензиите?

-Замрзнувањети на цените на основните производи секако може да придонесе за подобрување на животниот стандард односно производи кои најмногу се користат.

-Во изминативе две години сме сведоци дека пандемијата особено ги нападна пензионерите. Како пензионерите живеат ( преживуваат) во време на ковид?

-Да, пензионерите се ризична целна група, но во сегашни услови сепак ситуацијата  е порелакцсирана, затоа што најголем дел од нив се вакцинирани, а пензионерите избраа живот и иднина.

К.В.С.

Слични содржини