Политичките сили во Италија размислуваат да поддржат жена за претседател

од Vladimir Zorba
213 прегледи

Италија вчера се приближи до изборот на првата жена-претседател на земјата, по пет дена ќор-сокак во неколку круга гласање, што ги натера партиските лидери да бараат компромисно решение, објави Ројтерс.

Политички извори велат дека веројатен кандидат е Елизабета Белони, дипломат од кариера која ги предводи тајните служби, а меѓу разгледуваните е и министерката за правда – Марта Картабија.

„Работам за тоа да имаме паметна жена претседател“, кажа лидерот на десничарската партија Лига, Матео Салвини, пред новинарите по состанокот со лидерите на двете главни централно-левичарски сили, Демократската партија и Движењето „Пет ѕвезди“.

„Се надевам дека ќе завршам утре“, додаде Салвини.

Џузепе Конте, лидер на Движењето „Пет ѕвезди“, рече дека и тој сака жена да го замени актуелниот претседател Серхио Матарела, чиј 7-годишен мандат истекува следната недела.

„Многу ми е драго што и другите политички сили покажуваат дека сакаат да постигнат договор за жена кандидат од највисоко ниво“, напиша Конте на „Твитер“.

Во Италија, претседателот е влијателна личност, тој го назначува премиерот и често интервенира за да се решат политичките кризи во третата по големина економија во еврозоната, каде владите преживуваат во просек една година, наведува Ројтерс.

За разлика од САД и Франција, каде претседателот се избира директно, во Италија го избираат 1.009 парламентарци и претставници на регионалната влада со тајно гласање, кое политичките лидери често се обидуваат да го контролираат.

Претходно вчера, централно-десничарските лидери на Лига, Форца Италија и Италијанските браќа ги налутија своите противници со наредба на своите пратеници да гласаат за претседателката на конзервативниот Сенат, Елизабета Казелати наместо да поддржат кандидат со консензус на првото гласање на денот.

Овој потег се покажа како збунувачки неуспех, бидејќи Казелати беше поддржана од само 382 луѓе, а најмалку 505 требаше за да биде избрана.

Шокиран од овој пораз, Салвини веднаш започна разговори со своите противници за да најде непартиски кандидат.