Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ оствари средба со бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија, Илхан Ќучук, на која беше разговарано за новиот пристап и насоката во која ќе тече дијалогот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
-Во пријатна атмосфера на меѓусебно уважување разговаравме со бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија, Илхан Ќучук, и потврдивме дека двете страни имаат волја за брз напредок во соработката и давање нова вредност на односите помеѓу двете држави. Новиот пристап на двете земји за враќање на дијалогот на вистинскиот пат ќе придонесе кон зајакнување на довербата и заживување на добрите односи помеѓу граѓаните, што е наша обврска и должност како политичари. Убеден сум дека со ова темпо ќе продолжат разговорите помеѓу двете земји, во духот на добрососедските односи и европските вредности, напиша Маричиќ на својот профил на Фејсбук.
Денешната средба на вицепремиерот за европски прашања Маричиќ и европратеникот Ќучук е во рамки на билатералната конференција „БГМК 2030“: Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво, на која учествуваа и двајцата.