Полска се подготвува да прими еден милион бегалци од Украина

од Nikola Popovski
273 прегледи

Полска подготвува засолништа за бегалците од Украина во случај на инвазија на Русија, изјави заменик-министерот за надворешни работи Мачеј Воншик.

„Има неколку сценарија. Можеби ќе се остварат попозитивни или не толку радикални сценарија, но треба да бидеме подготвени на црното сценарио и полицијата веќе некое време презема мерки за да биде подготвена за доаѓањето на тој бран од дури милион луѓе кои можат да се појават на нашата источна граница“, изјави Воншик за полското радио, пренесува UNIAN.

Според него, државата треба да биде подготвена за приливот на бегалци „кои се спасуваат од смртта“.

Тој посочи дека Полска сака однапред да го реши прашањето за медицинска нега, сместување и храна за бегалците.

Да потсетиме, претседателот на Украина Владимир Зеленски на 28 јануари изјави дека медиумите создаваат лажна слика за ситуацијата со Русија. Според него, нивото на ескалација на ситуацијата не е ништо повисоко од претходно. Згора на тоа, тој смета дека евакуацијата на дипломати од голем број земји е прерана. Од друга страна, Русија во неколку наврати изјави дека нема намера да ја нападне Украина.