Јапонската фармацевтска компанија Кова денеска објави дека ивермектин, лек против паразити, покажува „антивирусно дејство“ против омикрон и други варијанти на коронавирус, пренесува Ројтерс. Тврдењето се заснова на неклиничко истражување, соопшти агенцијата.
Кова спроведе истражување за ивермектин како потенцијален третман за ковид-19 во соработка со Универзитетот во Токио Китасато, но освен тврдењето за „антивирусен ефект“, не беа објавени дополнителни детали. Според „Ројтерс“, клиничките истражувања се во тек.
Промоцијата на ивермектин како лек за ковид-19 предизвикува контроверзии во јавноста веќе некое време. Џо Роган, водител на најпопуларниот подкаст во светот, кој исто така е скептичен за вакцините, предизвика бурни реакции во јавноста минатата година кога рече дека ковид се лекувал со ивермектин, лек за паразит кој се користи кај животните и луѓето.
ФДА, СЗО, ЕМА и самиот производител ги предупредија луѓето да не третираат ковид со ивермектин
Да потсетиме, ивермектинот не е одобрен за третман на ковид-19 во Јапонија, а Американската Регулаторна агенција за лекови (ФДА), Светската здравствена организација (СЗО), Европската агенција за лекови (ЕМА) и Мерк, компанија која произведува ивермектин, ги предупредија луѓето дека не се користи за лекување на ковид поради недостаток на научни докази за неговата ефикасност против болеста.
Според упатствата објавени во септември 2021 година на веб-страницата на ФДА, американската агенција наведува дека има зголемен интерес за ивермектин во третманот на ковид-19 кај луѓето, додавајќи дека добиле повеќе извештаи од пациенти кои бараат лекарска помош па дури и хоспитализација, по земање на ивермектин самостојно.
Многу потенцијални лекови за ковид-19 покажаа ветувачки резултати во неклиничките студии, вклучително и антималаричниот лек хидроксихлорокин, кој беше промовиран од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, но последователно се покажа дека е неефикасен во клиничките испитувања, според „Ројтерс“.