Крстевска: Службите на градоначалничката се отворени исклучиво за советниците од мнозинството и со кои имаат лични интереси

од Берта Китинска
1,1K прегледи

Сите мои предложени амандани беа оспорени. Амандан во кој барав да се одвојат средства за доделување на ваучери за посета на културни центри кои се во надлежност на Градот, но и оние кои се на централно ниво на млади од социјално ранливи категории беше одбиен. Овој амандман не беше поддржан не само од мнозинството, туку и од партијата Левица. Исто така, амандманите за поставување на фотоволтаични панели на крововите од средните училишта, како и енергетско ефикасни фасади беше одбиен. Амандманот за менструални производи помина едвај, со еден глас разлика, вели Теодора Крстевска советничката од Советот на Град Скопје во интервју за „Локално“.

Крстевска, потенцира дека соработката не е на завидно ниво и дека сите советници не се третирани рамноправно од страна на кабинетот и службите на градоначалничката.

-Што се однесува до службите до сега секогаш биле отворени за соработка и постапувале по барањата на советниците. За жал истото не би можела да го кажам за кабинетот и службите на градоначалничката кои се отворени исклучиво за советниците од мнозинството и советниците со кои имаат блиска соработка поради лични интереси, открива Крстевска.

Колку училшта ќе бидат опфатени со мерката за менструален хигиенски материјал?

-Со мерка за менструален хигински материјал ќе бидат опфатени 23 средни училишта во Град Скопје, а предвидените средства ќе бидат распределени во согласност со бројот на девојчиња во секое училиште. За набавка на менструалните хигиенски производи предвидени се 2.000.000 денари во делот за набавка на хигиенски материјали, како посебна ставка одвоена токму за овие производи.

Од кога може да се очекува спроведување на хигиенскиот материјалот?

-Секое училиште, преку тендер за набавка на хигиенски материјали, секоја година склучува договор со фирмата која дала најповолна понуда за набавка на хигиенски материјали. Во зависност од завршување на договорот склучен минатата година, оваа година при спроведување на тендерската постапка ќе биде вклучена и оваа ставка. Исто така, при претставување на кварталните извештаи на средните училишта, ќе следиме во колку училишта и на кој начин е спроведена постапката, па следствено на тоа планирам да направам јавна расправа на која ќе бидат поканети претставници од невладините организации, образовните институции како и комисиите за образование, како би дискутирале за понатамошно подобрување или доколку е потребно изработка на посебни протоколи.

Можно ли е идејата да лежи во човековата етичност, младите девојчиња поради финансиска состојба да посегнат по несоодветни алтернативи?

-За жал истражувањата покажуваат дека 15% од девојчињата низ целата држава за време на менструалниот циклус користат тоалетна хартија, весници и крпи, бидејќи немаат доволно средства за да купат менструални производи, а токму поради истите причини се случува да отсуствуваат од настава. Речиси секоја трета учесничка во истражувањето и секоја петта средношколка барем еднаш била во ситуација да нема пари да купи влошки и морала да импровизира со крпи, тоалетна хартија, а половина од учесничките и повеќепати. Вкупно 37 отсто од ученичките отсуствуваат од училиште заради менструација поради недостаток на средства, лоши услови во тоалетите во училиштата, како и поради се уште присутните стигми дека девојката е валкана или дека едноставно менструацијата е една срамна појава. Жално е во 21 век, во едно современо општество овие теми да се табу и воопшто една сосем нормална и природна појава да биде пречка за нормално фукционирање на девојките и воопшто жените.

Колкава е менструалната сиромаштија во Македонија?

-Согласно истражувањето на Тииит! Инк. податоците се сериозно загрижувачки. Како општество каде стапката на невработеност е над 16 отсто и тоа најмногу кај младо и активно население на возраст од 25 до 39 години, набавката на средства за менструална хигиена или лекови за болка преставува сериозен трошок. Така, 39 отсто од жените испитанички, понекогаш купуваат поевтини производи за хигиена од оние што им се најдобри, а тоа го прават 56 отсто од оние со минимална плата. Трошоците се високи ако се земе во предвид економската состојба во земјава, како и стапката на сиромаштија од 22 одсто. Пресметките покажуваат дека грижата за менструалното здравје во текот на репродуктивниот период во просек жената ја чинат 199.569,6 денари.

Сметате ли дека би требало да се воведе намалување на данок на производи за менструација?

-Апсолутно. Во моментов се зборува за намалување на данокот на менструални производи од 18% на 5%, истото треба да се донесе на централно ниво, односно во Собранието. Сепак, не треба да останеме само на ова, во моментот кога би се намалил данокот цените на менструалните производи треба да се намалат и замрзнат, како би имала мерката ефект. Ако данокот се намали, а цените останат исти, жените нема да имаат никаков бенефит

Дали градот Скопје има добра соработка со советниците?

-Не би можела да генерализирам. Што се однесува до службите до сега секогаш биле отворени за соработка и постапувале по барањата на советниците. Пред неколку дена имав поплака од граѓаните на општина Центар за отворени шахти на ул.Даме Груев, случајот веднаш го пријавив до надлежните служби кои верувале или не изглегоа на терен за неполн час и го санираа проблемот. За жал истото не би можела да го кажам за кабинетот и службите на градоначалничката кои се отворени исклучиво за советниците од мнозинството и советниците со кои имаат блиска соработка поради лични интереси.

Дали има некои твои оспорени амадмани, а значајни за подобрување на живот на граѓаните?

-Секако, сите мои предложени амандани беа оспорени иако истите немаа никаква политичка конотација. На пример, предложениот амандан во кој барав да се одвојат средства за доделување на ваучери за посета на културни центри кои се во надлежност на Градот, но и оние кои се на централно ниво на млади од социјално ранливи категории беше одбиен. Идејата на овој амандаман беше сите млади да имаат еднаков пристап кон културните настани – балет, опера, филхармонија, театар, нешто кое е од есенцијално значење за градење на една кутурна и образована индивидуа, без разлика на социјалниот статус. Она што е интересно е што овој амандман не беше поддржан не само од мнозинството, туку и од партијата Левица. Исто така, амандманите за поставување на фотоволтаични панели на крововите од средните училишта, како и енергетско ефикасни фасади беше одбиен. Замислете, дури и амандманот на менструални производи помина едвај, со еден глас разлика. Градоначалничката во старт го отфрли, а 13 советници од мнозинството гласаа против, воздржани или воопшто не гласаа.

Се дебатира ли за подобрување на животни услови на социјално ранливи категории и лица со инвалидитет?

-Секако, социјалната правда за мене е приоритетна тема, покрај зелените политики. Ќе дадам се од себе овие 4 години да се борам, да придонесам или барем да помогнам за буквално сите граѓани на Скопје да имаат поквалитетен живот, да живеат во една хумана и здрава средина, каде сите се еднакви. Скопје е град на солидарноста, па токму затоа нам советниците, но и на скопјани солидарноста треба да ни биде на пиедесталот.

M.A.

Слични содржини