Европската централна банка (ЕЦБ) ги задржа клучните каматни стапки непроменети и покрај рекордниот пораст на инфлацијата. Референтната стапка на рефинансирање на ЕЦБ останува на нула отсто, кредитната стапка на 0,25 отсто, а стапката на депозитите се задржа на негативна 0,5 отсто.
Отсуството на дејствување дојде во време на зголемен притисок врз ЕЦБ, бидејќи инфлацијата во еврозоната достигна 5,1 отсто во јануари, пишува CNBC. Додека ЕЦБ тврди дека зголемената инфлација ќе избледи во текот на годината, многу економисти се прашуваат дали потрошувачките цени ќе останат високи долго време.
Продолжен период на висока инфлација може да го загрози тековното економско закрепнување. Последната одлука беше донесена во четвртокот, бидејќи учесниците на пазарот почнаа да предвидуваат дека ЕЦБ ќе ги зголеми каматните стапки двапати оваа година. Сепак, ЕЦБ се обиде да ја намали оваа можност.
„Управниот совет очекува клучните каматни стапки на ЕЦБ да останат на сегашното или пониско ниво додека не види дека инфлацијата ќе достигне (цел) два отсто“, се вели во соопштението на ЕЦБ. Според очекувањата на раководните лица на банката, инфлацијата би можела да се стабилизира на 2% на среден рок.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард рече дека економијата на еврозоната продолжува да закрепнува, поддржана од силна политичка поддршка. Според неа, растот сепак ќе биде пригушен во првиот квартал, бидејќи сегашниот бран на пандемијата продолжува да ја оптоварува економската активност.
„Инфлацијата нагло порасна во последните месеци и беше уште поизненадувачка во јануари. Ова е примарно поттикнато од повисоките трошоци за енергија кои ги зголемуваат цените во многу сектори, како и повисоките цени на храната. Инфлацијата најверојатно ќе остане повисока од очекуваното, но ќе се намали оваа година“, рече Лагард.
Во меѓувреме, другите големи централни банки, како што се ФЕД и Банката на Англија, ја заоструваат својата монетарна политика и ги зголемуваат референтните каматни стапки за да ја ограничат инфлацијата.