Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски даруваше крв во Институтот за трансфузиона медицина (ИТМ), во рамки на редовните крводарителски акции кои ги организира тимот на професионалци Blood Bank – Tenk од Одделот за планирање, организација и реализација на крводарителство при ИТМ.
Според МВР, Спасовски како поборник за здрав начин на живот и за промоција на вредностите на емпатија и солидарност, и во оваа пригода упатил повик до граѓаните за подигање на јавната свест за чинот на крводарителство преку приклучување во крводарителските акции со кои може да се спаси човечки живот.
„И во оваа прилика сакам да упатам апел до сите граѓани, особено до младата популација, да ги практикуваат здравите животни навики и да бидат на ниво на социјалната одговорност со обезбедување квалитетна, безбедна и достапна крв и крвни продукти за пациентите на кои им се неопходни за лекување”, истакнал Спасовски.