Денеска продолжува трипартениот дијалог за минималната плата меѓу владата, синдикатите и работодавачите, по што ќе се знае дали работниците ќе стапат во генерален штрајк.
За синдикатите е неприфатлив предлогот на работодавачите изнесен на последниот Економско-социјален совет одржан во средата, бидејќи според пресметките на синдикатот во тој случај минималната плата во нето износ би изнесувала 16.164 денари. По тој повод тие за денес најавија предупредувачки протест со блокирање на улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи во центарот на Скопје.
ССМ бара итна измена на Законот за минимална плата односно бара минималната плата да не може да биде пониска од 60% од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци и платите на останатите работници задолжително да се усогласат со порастот на минималната плата согласно Закон и колективен договор.
-Денес имавме конструктивен дијалог невиден на нашите простори. Два предлога се на маса, едниот од ССМ, поддржан од работодавачите. Дијалогот ќе продолжи во петок, тогаш е можно решение или наредната недела. Ги уверуваме сите граѓани во категоријата приматели на минимална плата дека наскоро ќе имаат консензус околу нивните покачени плати. Единствениот начин е креирање на систем кој е долгорочен, кој и наредните години ќе обезбеди да остане минималната, рече пред два дена вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој ја претставува Владата во овие преговори.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи смета дека е несериозен предлогот на ССМ за штрајк доколку не бидат задоволени нивните барање за минимална плата од 18.000 во моментов.
-Да се инсистира и да се заканува дека со штрајк мора да се добие 18.000 денари е несериозна работа. Насекаде во светот многу посериозно се настапува по однос на ова прашање. Порастот на минималната плата треба да биде резултат на сеопфатен дијалог меѓу сите страни. Сложеноста е затоа што минималната плата има две димензии, едната е социјалната за минимум егзистенција на семејствата и втората е економската состојба во државата, како ќе влијае на бројот на вработени, оценува Димитров.
Минималната плата сега изнесува нешто над 15.000 денари со последното усогласување. Законски, минималната плата се усогласува секој март, а веќе од април почнува да се применува. Синдикатот бара зголемување на минималната плата на 18.000 денари поради зголемените трошоци на живот, енергетската и ковид кризата.