Големиот план за доминација на Ахмети е инспириран од германскиот „четврт Рајх”

од Vladimir Zorba
786 прегледи

Минатонеделната посета на Али Ахмети и министрите на ДУИ на Косово доби очекуван фидбек во домашната јавност. Првиот бран критики беа оние најбазичните, од типот на Албанците ни ја украдоа државата, не се почитува суверенитетот итн. Вториот бран, демек поентира суштински – разоткриен е Ахмети дека зелената трансформација на неговата партија е само лага. Никој не се обиде да го деконструира вистинското значење на посетата: разговори за инвестиции, инфраструктурни проекти, автопати, скијачки центри и слично.

На прв поглед, бидејќи нема ништо спорно за деконструкција. Но да не заборавиме, најголемиот трик на ѓаволот е да те убеди дека не постои. Големата лага во случајов ни е пред очи, но не ја гледаме поради малата. Во таа смисла, зеленото ребрендирање е само мал сегмент од мастер планот за доминација на Ахмети на долг рок. Тој потег е намерно направен со цел да им го даде на „суштинските” критичари тоа што го сакаат – доказ за нечесноста, со кој би се чувствувале дека ете, ги разоткриле неговите намери, и нема потреба да се бара нешто подлабоко.

Всушност целта на тој потег е да се одведе дебатата за ДУИ во рамките на баналната дневна политика, со што ќе се добие впечаток дека таму завршуваат неговите амбиции. Бидејќи таа политика е секако нечесна, тоа не претставува некаков преголем исчекор надвор од нормата. Но девијантноста на Ахмети е многу поголема. Најопасните моќници немаат само опсесија со моќта, туку и константно се адаптираат и учат од сопствените и туѓите искуства за да ја задржат. Во таа смисла, Ахмети и УЧК се силно инспирирани од приказната на Германија и Европа.

Накратко, неуспехот на Германците да воспостават хегемонија по воен пат во Втората светска војна беше заменет со многу посуптилен приод на економска и финансиска експанзија, преку која беа обликувани односите во ЕУ според германскиот модел. Ова е стелт мод на доминација, преку институционална моќ, која ги диригира монетарните и трговски политики во корист на Берлин, на сметка на сите останати.

Доказ за ова е финансиската криза која започна пред една деценија и која се уште трае. За да нивниот статус да остане привилегиран, Германците мораат да го одржуваат постоечкиот економски поредок на апарати, преку дисциплинирање на нивните периферни колонии со политики на штедење и притисок за приватизација. Иако ова создава совршени услови за нив да купуваат евтина работна рака и да имаат константен трговски суфицит, тоа останува само фуснота во целиот „дил”.

Зошто никој не обрнува внимание на оваа фуснота? Затоа што тој што ја има економската моќ ја има и моќта на обликување на дискурсот, како што своевремено укажа Антонио Грамши. Преку меко влијание врз културните норми, идејата дека единствениот индикатор за просперитет е економскиот раст беше цврсто зацементирана. Општоприфатениот наратив е дека германската благосостојба може да се достигне само ако ги следиме насоките на Германците, затоа што за разлика од нас, тие се паметни, одговорни и вредни. Во спротивно, како би имале таква благосостојба?

Во целата оваа циркуларна логика, никој воопшто не успеа да го забележи издигнувањето на четвртиот Рајх во Европа, олицетворен во Европската Унија. Но таа логика не е само циркуларна, туку и фалшлива.

Германците немаат благосостојба затоа што се паметни, одговорни и вредни, туку затоа што нивната елита го има наштелувано системот за нивен бенефит. Должничкото ропство и експлоатацијата на трудот кај периферните колонии не се толку очигледно брутални како нацистичките злосторства, не се доволни да не разбудат од сонот дека еден ден ќе станеме и ние богати како нив. Овој сон го сонуваат само обичните луѓе. Елитата на периферијата знае дека тој никогаш нема да се оствари, но тоа не и е потребно за да биде елита – напротив. Доволно е само да ја продаде бајката на гласачите.

И тука доаѓаме до вистинскиот гамбит на Ахмети со посетата на Косово. Преку помпезно најавувани економски проекти и константна пропаганда за раст и развој, УЧК продолжува да ја консолидира моќта, при што им го продава сето ова на Албанците како национална доминација во регионот. Но истовремено додека ги манипулира кусогледите дневнополитички критичари, ги манипулира и Албанците. Затоа што вистинскиот план е за зацврстување на албанските елити, со Ахмети како врховен и вечен господар. Албанците, како и Македонците, нема да добијат никаков просперитет. Триесет години материјална стагнација и морална беда се доказ за неуспехот на германскиот сон.

Ахмети не можеше да победи по воен пат, и природно не може ниту да биде победен по воен пат. Таа опција постои само во главите на тврдокорни националистички будалетинки. Но не може да биде победен ниту по политички пат, во рамките на сегашниот политички систем, како што се лажат некои други будалетинки. Неолибералниот државен апарат е оружје во рацете на Ахмети, и се додека не му биде одземено, преку радикална децентрализација, и отфрлање на економскиот раст како парадигма, Македонија ќе биде заробена од УЧК. Исто како што Европа е заробена од Германија.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини