Кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна со лидерите на Србија, Египет, Казахстан и Туркменистан, користејќи го отворањето на Зимските олимписки игри во Пекинг како можност за дипломатски иницијативи во услови на тензии со САД, објави Ројтерс.
По вчерашната средба со рускиот претседател Владимир Путин, тој денеска разговараше со казахстанскиот претседател Касам-Жомарт Токаев, српскиот претседател Александар Вучиќ, египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и претседателот на Туркменистан Гурбангули Бердимухамедов. Си потоа приреди банкет по повод Лунарната нова година во Големата народна сала во Пекинг.
Од избувнувањето на кризата со коронавирус кон крајот на 2019 година, кинескиот претседател не присуствуваше на собир во живо на државните лидери.
Утринава Си имаше поединечни средби со Токаев, Вучиќ и Сиси, јави новинската агенција Ксинхуа. Разговорите меѓу лидерите се осврнаа на инвестициите во инфраструктурата во иницијативата „Еден појас, еден пат“ и соработката во однос на коронавирусот.
Во разговорите со туркменскиот претседател, кинескиот лидер рече дека двете земји треба да ја продлабочат соработката во снабдувањето со природен гас за Кина.
Повеќе од 30 светски лидери пристигнаа во Пекинг за да присуствуваат на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри 2022. Соединетите држави и други западни земји најавија дипломатски бојкот на настанот поради растечките геополитички тензии и наводите за кршење на човековите права во автономниот регион Ксинџијанг.
Кинески „Глобал тајмс“ одговори на наводите на странските медиуми дека настанот привлекол само „авторитарни“ лидери, обвинувајќи ги дека користеле „застарени антикинески клишеа“.