Отсекогаш ми биле интересни реакциите и зборовите кои се употребуваат кога ќе се спомне регионот Балкан, а особено кога тој разговор е помеѓу лицата кои живеат во овој регион. Кога се дискутира за предизвиците на Балканот, може да се утврди дека сите се наоѓаме во скоро истата ситуација со многу слични (да не кажам исти) проблеми. За жал, во деведесеттите години со распаѓањето на Југославија дојде до огромни тензии и војни што оставија огромно црнило врз сите поранешни југословенски држави , а огромен дел од народите на овие држави и во 2021 година немаат волја да се помират со тоа што се случувало во претходниот век.
За наша среќа, ова не важи за Македонија. Тензичниот период на деведесеттите кај нас помина со преговори и успешен референдум на кои граѓаните ја покажаа својата волја ЗА независна современа Македонија, која нема да биде дел од тешката војна која се ширеше на овие простори. И успеавме. Војната беше за влакно избегната, започнавме со транзиција од еднопартиски кон политички плурализам, од социјалистичко општество во капиталистичко, и како што сметале во тоа време – Македонија можела да стане просперитетна како денешна Словенија, како членка на НАТО и Европската Унија. Но очекувањата не се неисполнети и сè’ уште немаме започнато преговори со ЕУ, а дури минатата година, во пандемија, станавме членка на НАТО. Поминаа генерации и генерации кои апатично заминуваат од државата, а огромен број на луѓе кои живеат тука не веруваат во институциите на системот и тврдат дека нема овде добра иднина. Целосно ги разбирам и можам да се согласам за одредени нешта со сите нив.
Повеќе не сме ниту 1990 година, ни 2001, ниту пак 2015 – денес сме скоро во 2022 година, сведочиме историски моменти каде секој може сѐ да најде на интернет, но исто така живееме во време кога сме без маска во џеб е исто како да немаме облечено патики за да излеземе надвор. Сега живееме во нови времиња, со нови млади генерации кои немаат никакво помнење за војните и катастрофалните моменти кои се случувале претходно. Денес младите бараат друго – пристоен живот со пристојна работа во Македонија. Едноставно барање кое е комплицирано да се реши. Влегуваме во нова ера во која младите преку нови свежи идеи бараат и сакаат да придонесат кон подобра иднина, во која ќе го поминат својот живот и ќе сакаат да остават нешто подобро на следните генерации. Гледајќи го трендот на иселување во овие три децении, станува очигледно дека сѐ уште не се обезбедни услови за желбата да се живее „обичен“ живот во нашата држава. Поради тоа, формулата е едноставна – обучи се и обликувај ја својата иднина.
Во моментов, јас сум член на првата генерација на Институтот за напредно политичко лидерство – АЛПИ (Advanced Leadership in Politics Institute -ALPI), организиран од ИРИ, чија цел е да придонесе кон создавањето на поуспешни идни политичари и да поттикне соработка помеѓу младите политички лидери кои имаат потенцијал да бидат носители на промени, без разлика на нивната партиска и етничка припадност . Како дел од АЛПИ, младите членови од различните партии од етнички заедници формираа блиски работни односи меѓу себе и подобро ја разбраа вредноста на меѓупартиската соработка. Преку вакви и слични програми, може да се придонесе кон поголема соработка помеѓу младите луѓе активни во политиката и да се спречат идни политички кризи, односно, да се поттикне толеранција и соработка, и, најважно, да се постигне посакуваниот соживот во Македонија.
Во последните неколку години државите ги ставаат младите на „врвот“ на нивната агенда, но тоа секако сè уште не е доволно, потребно е уште повеќе. Одлично е што се донесе новиот Закон за младинско учество во кој учествувале многу млади луѓе кои придонеле со своето искуство, и навистина се надевам дека полека, чекор по чекор, ќе продолжи овој тренд млади луѓе да се вклучуваат во процесите на носење одлуки. Но еден човек не може да го промени општеството, туку потребна е колективна сила. Заедно и обединети, ние, младите можеме уште отсега да имаме контрола врз нашето утре. Денешните млади имаат повеќе опции да дадат свој придонес во општеството. Можат да се политички активни, да соработуваат со граѓански организации, да организираат свои иницијативи, можат да покренат важни општествени прашања и преку пишување и изразување на своите ставови, или пак да дејствуваат како експерти во својата област. Денеска имаме повеќе можности од претходно, и истите треба да ги искористиме за остварување на нашата заедничка цел – пристоен живот во просперитетна Македонија.
Јовица Јанковиќ
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот