Производителот на луксузни автомобили Porsche AG очекува уште една рекордна година во однос на продажбата и покрај континуираниот глобален недостиг на полупроводници, изјави директорот за продажба Детлев фон Платен за Automobilwoche.
„Кога ги гледам тековните нарачки, останувам уверен во 2022 година. Растот на продажбата може да достигне исто високо ниво како во 2021 година оваа година“, рече тој во интервју за германските медиуми.
Продажбата на Porsche, дел од групацијата Volkswagen, се зголеми за 11% минатата година на 301.915, што значи дека во 2022 година, обемот може да надмине 335.000 возила доколку се одржи растот.
Според Фон Платен, Porsche планира да вработи уште 400 работници, со што вкупната работна сила на компанијата ќе достигне речиси 40.000.
Според директорот, големата побарувачка и проблемите со недостигот на компоненти доведуваат до подолго време на испорака на нарачаните возила.
„Времето на чекање може да биде неколку месеци, во некои случаи и до една година“, признава Фон Платен.
Porsche известува и за зголемување на продажбата на електрични автомобили. Седанот Taycan за прв пат ја надмина минатогодишната продажба на легендарниот спортски автомобил 911 со 41.296 испораки, што претставува зголемување од 106% на годишна основа.
Групацијата истакна дека побарувачката расте во сите региони, а американскиот пазар забележа најзначаен раст – 22%, до 70.025 возила. Кина останува најголемиот пазар на брендот со раст од 8% до 95.671 автомобил.
Производителите на автомобили ширум светот и понатаму страдаат од недостиг на чипови предизвикани од прекини во синџирот на снабдување поради ширењето на коронавирусот, како и од зголемената побарувачка за полупроводници од компаниите за потрошувачка електроника.