Цената на железната руда го надмина нивото од 150 долари за тон, откако Кина го помести рокот на домашната гигантска индустрија за челик за пет години да почне да ги намалува емисиите на јаглерод, давајќи му приоритет на економскиот раст.
Емисиите на јаглерод од огромниот и високо загадувачки сектор на челик во Кина се очекува да достигнат врв во 2030 година, додека претходниот рок беше 2025 година, се вели во владиното соопштение објавено во понеделникот, пишува „Блумберг“.
Според њујоршката агенција, ова е сигнал дека властите ја рекалибрираат климатската стратегија во однос на минатогодишните скокови на цените на суровините и дека подготвуваат посилни стимулации за економските сектори кои бараат јаглерод.
Инвеститорите мерат колку стимулации ќе даде владата за стабилизација на кинеската економија, која почна да забавува. Повисоката градежна активност, по правило, значи поголемо производство на челик, што пак ја зајакнува побарувачката на железна руда, што значи повисоки емисии на стакленички гасови, се додава во текстот.
Производството на челик сочинува околу 15 отсто од емисиите на јаглерод во Кина.
Железната руда, која е суровина за производство на челик, закрепна откако падна под 100 долари за тон во ноември, поради очекуваниот постабилен раст во 2022 година.
Пекинг веќе презеде голем број мерки, вклучително и намалување на каматните стапки и забрзување на инфраструктурните проекти, за да ја стабилизира економијата потресена од колапсот на водечките компании за недвижнини и новите бранови на пандемии.
Одложувањето на рокот за реализација на климатските цели во челичната индустрија се совпаѓа со неодамнешната реторика на Пекинг за балансирање на зелените цели со други економски цели. Претседателот Си Џинпинг минатиот месец рече дека климатските цели не треба да го загрозат снабдувањето со производи кои „обезбедуваат нормален живот на населението“, според „Блумберг“.