Италијанка пронајдена две и пол години откако починала: „Седела на столче се додека не дошла полицијата“

од Nikola Popovski
237 прегледи

Италијанската полиција откри мумифицирани останки на 70-годишна жена која седела на столче повеќе од две години по нејзината смрт, што поттикна апели за подобрување на грижата за старите лица во земјата.

Маринела Берета, која немала живи роднини, била пронајдена во нејзиниот дом во Престино, во близина на езерото Комо во северна Италија.

Полицијата ги пронашла нејзините останки откако ја повикале поради силниот ветер во Ломбардија, кој се заканувал да ги исече запуштените дрвја во нејзината градина, пренесува Франс 24.

Соседите не ја виделе најмалку две и пол години, пренесуваат италијанските медиуми.

-Она што ѝ се случи на Маринели Берета во Комо, таа заборавена осаменост, ни ја пече совеста, коментираше на Фејсбук тамошната министерка Елена Бонети.

-Ние имаме должност, како заедница која сака да остане обединета, да се сеќаваме на нејзиниот живот… никој не треба да биде оставен сам, рече таа.

Речиси 40 отсто од 75-годишниците во Италија живеат сами, според извештајот од 2018 година на Националниот институт за статистика (ISTAT).

Истиот процент наведува и дека немаат роднини или пријатели на кои може да се обратат во случај на потреба.

-Берета е „олицетворение на осаменоста“, напиша уредникот Масимо Грамелини на насловната страница на Corriere della Sera, најпродаваниот италијански дневен весник.

-Многу од нас сè уште се сеќаваат на хаотичните, големи семејства во рурална Италија. Спротивно на тоа, модерното семејство се намали… Луѓето умираат сами. А ние живееме сами, што е речиси полошо, рече Грамелини.

Соседите, кои не ја виделе Берета од септември 2019 година, претпоставувале дека таа се оддалечила на почетокот на пандемијата на коронавирус што ја погоди северна Италија во 2020 година, објавија медиумите.

Полицијата на местото на настанот не најде ништо што укажува на сомнителна смрт, а локалниот совет се очекува да плати за нејзиниот погреб.

-Мистеријата на невидливиот живот на Маринела зад затворените врати на нејзината колиба е ужасна лекција, пишува весникот „Месаџеро“.

-Не е најтажно е што другите не ја забележаа нејзината смрт, туку што не забележаа дека Маринела Берета е жива, додава весникот.