„Toyota“ го намалува производството за уште половина милион возила

од Vladimir Zorba
188 прегледи

„Toyota Motor Corporation“ денеска објави дека го намалила целното годишно производство за уште половина милион возила поради недостаток на чипови и намалување на вработените, поради зараза со Ковид.

Компанијата ќе произведе 8,5 милиони возила во фискалната година што завршува на 31 март, што е под претходно планираните девет милиони, соопшти најголемиот светски продавач на автомобили, кој забележа пад на оперативната добивка од 21 отсто во последните три месеци од 2021 година, пренесе „Ројтерс“.

„Не очекуваме брзо да се реши нерамнотежата на пазарот на чипови, а понатамошниот тек на пандемијата на коронавирусот е непредвидлив. Веруваме дека неизвесностите ќе продолжат и во следната година“, изјави за новинарите официјален претставник на „Toyota“.

Како и другите големи светски производители на автомобили, „Toyota“, која очекуваше да произведе 9,3 милиони возила на почетокот на деловната година на компанијата, беше принудена да го намали производството бидејќи пандемијата Ковид направи хаос во глобалниот синџир на снабдување. Ова ја принуди компанијата да ги намали трошоците за производство за да „извлече“ поголем профит по возило.

Напорите на „Toyota“ да ги зголеми маржите се поддржани од силната побарувачка на нејзините клучни пазари како Кина, САД и Европа, што и овозможи да ги зголеми цените и да ги намали стимулациите што ги нуди за да ги привлече клиентите.

Компанијата имаше корист и од послабиот курс на јенот, кој го зголеми износот на нејзината заработка во странство, конвертирана во домашна валута.

„Toyota“ остана на проценетиот профит за целата година од 2,8 трилиони јени (24,3 милијарди долари). Оперативната добивка на компанијата од 784,4 милијарди јени (6,79 милијарди долари) во кварталот октомври-декември беше повисока од просечната прогноза на девет аналитичари анкетирани од Refinitive, кои очекуваа 716,8 милијарди јени (6,2 милијарди долари).

Слични содржини