Смилевски до ВМРО-ДПМНЕ: „Бомбата“ ви пукна како меур од сапуница, вистината е мој сојузник

од Nikola Popovski
809 прегледи

Поранешниот градоначалник на општина Бутел, Велимир Смилевски ја опиша денешната „бомба“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за него како „меур од сапуница произлезен од центарот за шириење на лажни вести во Белиот дворец“.

-Вистината е мојот најдобар сојузник и во времето кога бев градоначалник на Бутел, а и сега. А таа е дека на стартот на мојот четиригодишен градоначалнички мандат во Општина Бутел наследивме дотраени и светилки за улично осветлување стари и повеќе од 40 години. Мрежата ја обновивме, почнавме со употреба на натриумови светилки, со што заштедувавме по повеќе од 50% на електрична енергија на месечно ниво, објави Смилевски.

Тој додаде дека дополнително биле поставени 25% нова инсталација за улично осветлување низ целата територија на Бутел.

-Јасно е што сакаат да постигнат со ширењето на лаги и дезинформации. Сакаат да го покријат своето неработење и немањето визија за интересите на бутелчани. За тоа сведочи и сегашната состојба, при што во Општината е исклучено уличното осветлување, замислете, заради неплаќање на сметки од страна на актуелниот градоначалник, информира поранешниот градоначалник.

Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска објави, како што вели, скандалозна тендерска постапка спроведена во општина Бутел во времето на мандатот на Смилевски.

-Станува збор за тендер за изградба на ново јавно улично осветлување на територија на општина Бутел во 2021 која го добила компанијата Друштво за производство трговија и услуги Провиз ДООЕЛ увоз – извоз Визбегово Скопје, согласно огласот под број 12277/2021 – вредност на склучен договор со ДДВ, 12.036.000 денари. Компанијата посочениот тендер го добива врз основа на најниска понуда, постигната на јавниот повик ама во т.н. ‘најниската понуда’ која е добиена како збир на единечни цени се крие сериозна манипулација и злоупотреба!, објасни Лефков.

Слични содржини