Хакер ѝ се заканил на мобилната мрежа „А1 Хрватска“ дека ќе објави лични податоци на корисниците доколку оваа компанија не му плати 500.000 американски долари во дигитални валути, пишуваат хрватските медиуми.
Регулаторното тело за мрежни активности во Хрватска (ХАКОМ) потврди дека „А1 Хрватска“ го пријавила инцидентот и дека овој оператор е должен да ги информира сите корисници чии лични податоци се загрозени.
„А1 наведува дека со прелиминарната анализа на податоците е утврдено дека има околу 100.000 кориснички профили со следните кориснички податоци – име и презиме, адреса на живеење, ЈМБГ, како и тарифата што ја користат“, посочуваат од ХАКОМ за медиумите.
Хакерот бара од А1 половина милион долари во криптовалути
Хрватски „Индекс“ наведува дека хакерот бара од А1 Хрватска да му плати 500.000 долари во дигитални валути за да не објавува лични податоци на корисниците на неколку хакерски и дарк веб форуми.
Според медиумите, полицијата сериозно го сфатила случајот бидејќи се работи за, како што се наведува, уцена со цел прибавување значителни финансиски средства. Полицијата се сомнева и дека оваа информација може да биде злоупотребена за кражба на идентитети.
Хакерот вчера по електронска пошта ги информирал медиумите во Хрватска, но и самиот А1. Тој побарал 150 етериуми во вредност од околу половина милион американски долари во е-пошта.
Хакерот ја обвинил А1 дека не се грижи за безбедноста. Тој во својот мејл истакнал дека со оглед на ранливостите кои постојат, не е потребен вистински хакер за да се украдат овие податоци, пренесува „Индекс“.
А1 Хрватска ги негираше овие тврдења и додаде дека се придржуваат до највисоките безбедносни стандарди за заштита на податоците и дека ќе продолжат да инвестираат во подобрување на безбедносната средина.
Фото: Dražen Tomić / Tomich Productions