Членовите на еврејска религиозна група Лев Тахор, кои од четвртокот престојуваа во населбата Зелен Рид во Куманово, се подготвуваат да го напуштат градот вечерва или најдоцна утре, објави „Куманово њуз“, повикувајќи се на полициски извори.
Жителите на Куманово почнаа да се собираат пред куќата на припадниците на еврејската верска заедница.Од заедницата во изјава за медиумите велат дека не се чувствуваат безбедно, бидејќи има граѓани кои доаѓаат до нивниот дом и фрлаат со предмети .
Максим Димитриевски, градоначалникот на Куманово, во емисијата „Студи 10“ на ТВ24 вели дека бројната заедница која ненадејно се насели во овој град е добредојдена доколку се однесува според правилата и прописите, но граѓаните се вознемирени затоа што се движат во големи групи и се облекуваат неконвенционално.
„Видете, Куманово е мултикултурен град, навикнати сме на различности, добив поголем број на пораки од граѓани кои вараат од мене да се вклучам по ова прашање. Имаме гости кои се облекуваат поразлично и се движат во групи,. Тоа е секта која потекнува од Израел. Во Куманово се добредојдени ако ги почитуваат прописите и правилата во градот. Чудно е движењето во групи и облекувањето, но МВР е органот кој дава времена дозвола за престој. Во рок од 48 часа доколку не сте сместени во хотел мора да се пријавите во подрачното одделение на МВР, или да ве пријават хотелските служби доколку сте во хотел.
Имам информација дека овие луѓе во краток временски период планираат да си заминат од Куманово, но имаме безбедносни служби кои треба да го следат овој процес.По службена должност, командираот и началникот барем усмено треба да ме информиаат за тоа што се случува, но за жал соработкаата е на многу ниско ниво. Од она што јас го знам, тие се сместени во населба „Гоце Делчев“ во приватни куќи“, рече Димитриевски.
Во текот на вчерашниот ден се огласија и од МВР.
– Секторот за внатрешни работи Куманово ја информира јавноста дека групата лица забележана во Куманово претставува група припадници на Еврејската верска заедница. Овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава, соопштија од СВР Куманово.