Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека слушнал дека среда може да биде денот на рускиот напад, наведувајќи дека затоа тој ден ќе го прогласи за ден на украинското национално единство.
„Ни велат дека 16 февруари ќе биде ден на нападот. Ќе го направиме ден на единство“, рече Зеленски во обраќањето до нацијата.
Зеленски не кажа кој сугерирал дека датумот на нападот ќе биде 16 февруари, објави Ројтерс.
Сепак, неколку американски новински организации минатата недела објавија дека Вашингтон верува дека ова е датумот кога руските сили ќе бидат подготвени доколку Путин издаде наредба за инвазија.
„Тие се обидуваат да не исплашат со повторно одредување на датумот за почеток на воената акција. Беше потпишан налог за истакнување државни знамиња и носење жолти и сини транспаренти тој ден“, додаде тој.
Русија денеска сугерираше дека е подготвена да ги продолжи разговорите со Западот за да се обиде да ја ублажи безбедносната криза, додека САД најавија дека Москва секојдневно ги зголемува своите воени капацитети за потенцијален напад врз Украина.
Русија има повеќе од 100.000 војници собрани во близина на границата со Украина.