Ако Германија нуди автомобили, Хрватска туризам, а во последно време и автомобили, Норвешка има нафтени деривати, Италија прехранбени продукти, тогаш што е тоа што ние ќе го понудиме на глобалниот пазар. Мора да се специјализираме во одредена област кон која ќе ги насочиме знаењата, науката и истражувањето, финансиите,… и да се потрудиме токму таа или тие неколку области да ги развиваме, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Преку процесот на паметна специјализација ќе детектираме области кои ќе бидат наша специјалност и со кој ќе можеме да конкурираме и на останатите од европското семејство. Ако Германија нуди автомобили, Хрватска туризам, а во последно време и автомобили, Норвешка има нафтени деривати, Италија прехранбени продукти, тогаш што е тоа што ние ќе го понудиме на глобалниот пазар, рече Битиќи.
Тој нагласи дека сега сме во фаза на изработка на стратегијата за паметна специјализација која, како што рече, подразбира претприемничко откривање, во која преку принципот од базата кон врвот повеќе категории на општествени чинители ќе дадат удел во попрецизно дефинирање на областите за кои би требало да се специјализираме.
-Ќе ја развијат меѓусебната доверба, ќе постават заеднички цели и нормално очекуваме да трасираат пат за остварување на тие цели. Ова е модерен пристап на економски развој кој ги поврзува знаењето, иновациите, бизнисот и институциите. Овој процес е со голема поддршка од страна на Светска банка, ГИЗ, Програмата финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а подоцна очекуваме да се вклучи и Развојната банка и други институции, посочи Битиќи.