Закерберг радикално ја ребрендира компанијата: „Почитувани вработени, отсега вие сте мои мета-пријатели!“

од Vladimir Zorba
301 прегледи

„Реагирајте брзо, изградете нови големи работи и живејте во иднината“, им рекол Марк Закерберг на вработените при претставувањето на новата насока на Меtа, пишува „Гардијан“.

Покрај тоа, Закерберг открил голем број на нови слогани и промени на компанијата порано наречена Facebook.

Во објавата што ја сподели на својата Facebook страница, Закерберг напиша дека Меtа сега е „метаверзум компанија, која ја гради иднината на социјалните врски“, а не првенствено компанија фокусирана на социјалните медиуми. Компанијата, соодветно, во иднина ќе ги нарекува своите вработени „metamates“ (во слободен превод – „мета другари“).

Закерберг нагласил дека сака да ги реформира правилата и вредностите на компанијата, кои не се ажурирани од 2007 година. Тој, исто така, ги охрабрил работниците да „се фокусираат на долгорочните перформанси“.

– Фразата „Фокус на долгорочни перформанси“ го нагласува долгорочното размислување и нè поттикнува да ја продолжиме временската рамка за перформансите што ги имаме, наместо да се оптимизираме за краткорочни победи – напишал тој во својата објава.

– Треба да ги прифатиме предизвиците што ќе имаат најголемо влијание, дури и ако целосните резултати нема да се видат со години – додаде тој.

Вработените се соочуваат со брза промена на компанијата од социјална мрежа која се гради веќе 17 години кон изградба на метаверзум, кој сè уште е непознат за повеќето. Инженерите на Instagram и Facebook, наводно, се охрабрени да аплицираат за работа во одделите за метаверзум и виртуелна реалност на компанијата, а Меtа вработи илјадници нови работници од конкурентски компании – вклучувајќи го и Apple.

Но, овие промени полека ги загрижуваат и вработените и акционерите во компанијата. Имено, акциите на Меtа доживеаја историски пад по последниот деловен извештај, што доведе до загуба од над 230 милијарди долари од пазарната вредност на компанијата.

И покрај историскиот пад, Закерберг остана цврст во своето верување дека метаверзумот е клучен проект на компанијата (на крајот на краиштата, тој веќе има инвестирано 10 милијарди долари во него).

– Убеден сум дека ова е вистинскиот пат за компанијата, им порача Закерберг на инвеститорите во компанијата.

Слични содржини