ССНМ: Медиумите во целост да ги исплаќаат додатоците за работа во недела

од Берта Китинска
233 прегледи

По истекот на законскиот рок за исплата на јануарската плата, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) информира дека добиле пријави и поплаки од новинари и медиумски работници од повеќе медиуми во државата дека или не им биле исплатени законски утврдените додатоци на плата за работа во недела, или им биле исплатени помалку пари.

Од ССНМ објаснуваат дека согласно измените на Законот за работни односи, медиумските работници покрај правото на додаток на плата за работа во недела, имаат право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена. Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот.

„Ако висината на вашата нето плата е 21.000 денари со оглед дека сте пријавени на полно работно време/ 40 часа во неделата односно 8 часовно работно време висината на саатницата се добива на следниот начин. Во месеците со 31 ден сумата за еден час е 21.000 ден поделено со 168 часа = 125 денари. Овие работни часови законодавецот предвидел да се остварат во една работна седмица од понеделник до сабота. Работа во недела за медимските работници е предвидена во законот за работни односи и за секој работен час – НЕЗАВИСНО од одработените часови преку работната седмица пресметката ќе изгледа вака. 125 ден за час плус 50 % или пластично 8 по 125 = 1000 плус 50% = 1.500 денари кои треба да ги имате на плата“, соопштува ССНМ.

Потсетуваат и дека луѓето кои се со нетипични вработувања (хонорарци, договор на дело) да не се ангажираат за работаво недела и на празници.

„Доколу се ангажираат нехумано и крајно неморално е да не им биде платен надоместок само затоа што немаат привилегија да бидат во постојан работен однос. На работодавачите кои ќе го прекршат законот, им се забранува работа од 15 дена и им се издава прекршочен платен налог. Ако работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените“, потенцира ССНМ.

Повторуваат дека со оглед на тоа дека медиумите мора да работат непрекинато, праксата на кршењето на работничките права од работодавачите и кратење на придонесите кои уредно се предвидени со закони мора да прекине.

„Истовремено ги повикуваме работодавачите во медиумите да направат соодветна реорганизација на тимовите за работа во недела, а не да се водат пред се од идејата да заштедат некоја дневница, бидејќи со тоа се намалува квалитетот на новинарскиот производ и се губи довербата во новинарството и во медиумите“, се вели во реакцијата на ССНМ.

Слични содржини