Матичните лекари утре ќе протестираат и нема да користат Мој термин, туку ќе работат само за итните пациенти.
-Приватниот сектор е крајно револтиран затоа што подолго време е игнориран од власта, нема никавко покачување во примањата, а сме сведоци дека се покачија и минималните плати. Веќе две години даваме максимум од себе, но никако да бидеме во чекор со покачувањето како во јавното здравство. Утре нема да издаваме рецепти, упати нема да користиме Мој термин, на тој начин сакаме да извршиме притисок и да поразговараме со надлежните на кои веќе подолг временски преиод им зборуваме за нашите проблеми, вели во изјава за „Локално“ доктор Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари.
Таа вели дека ова е протест на докторите од малите средини и амбулантите со мал број пациенти, кои се судруваат со можноста за затворање, бидејќи се со постојната капитација од која не можат да опстанат.
-Овој протест е поради низа причини со кои се судруваме во работата, како малата капитација од 65 денари која е донесена од 2018. Со овие средства треба да се плати медицинска сестра со минимална плата од 18.000 денари, да се плати зголемена сметка за струја. Има колеги во малите места каде бројот на пациенти се намалува и тие се судруваат со можноста од затворање на амбулантите. Здружението е на сите приватни лекари и затоа го правиме овој протест, посочува Дервишова
Д-р Ненад Лазаров им порача на пациентите да ја одложат посетата кај матичен утре, а можно е и подолго и повика за поддршка од пациентите.
-Утре ќе има протест на матичните лекари во земјава, вечерва последни координации. Состојбата е нож до коска, не претерувам! Одложете ја секоја неитна посета на вашиот матичен утре, а ако не бидеме послушани и не се изреагира веднаш, и за подолго. Ако не смениме нешто, ќе следи бран затворања ординации ниту една нова и за некоја година ќе нема кој да ве лекува, на политичарите не им е гајле за вас, видовте и самите. Нема веќе простор за молк и игнорирање, порача тој во објава на својот фејсбук профил, додавајќи, дека поддршката од пациентите им е неопходна, бидејќи како што вели „крајно оваа наша борба за вас се однесува“.