Додека ѕвездите на Хари Потер се фалат со милионите што им ги донесе серијата филмови и многумина направија многу успешни кариери, актерот Роби Колтрејн (71) се повлече од очите на јавноста и се пресели на ридовите во близина на Глазгов. Тој живее во изнајмена и пренаменета штала, за која плаќа 1.000 фунти месечно, пишува „Радар“.
Пријателите и соседите кои повремено го гледале Колтрејн рекле дека тој станал затвореник во својот дом и боледувал од остеоартритис кој е толку болен за неговите колкови што веќе пет години е во инвалидска количка.
Неговиот најблизок сосед и сопственик на шталата, Ендрју Едмонстон (50), братучед на Камила, војвотката од Корнвол, рече дека не го видел Колтрејн четири години.
– „Повлечен“ е дефинитивно зборот што би го употребил за да го опишам Роби. Тој е наш сосед и всушност неговата штала е најблиску до нашите 11 фарми, но тој со години не е сосед. Пред многу години го гледавме на приватни вечери, но тоа сега престана – изјави Едмонстон.
– Тој едноставно не сака повеќе да биде дел од заедницата. Тој целосно се оддалечи. Тоа е многу тажно. За жал, тој не е најсреќниот човек. Секој пат кога сме домаќини на хуманитарна акција го покануваме. Неговото име е секогаш на списокот, но одговорот што секогаш го добиваме е „не“ – објаснил Едмонстон.
Во неговите помлади денови, Колтрејн бил познат по својата зависност од алкохол и „дивеење“, но сето тоа се променило кога ја запознал Рона Гемел, со која има две деца. Двојката се разведе во 2003 година, а минатата година актерот изјави дека има девојка во последните 12 години.
Првиот успех во кариерата го имаше во британската крими-драма серија „Cracker“, но најголем успех му беше улогата на Хагрид. Поради лошата здравствена состојба, верните фанови на Хари Потер беа длабоко изненадени што актерот сепак се појави на 20-годишнината од првиот филм.