Првиот состанок за најавеното зголемување на пензиите се очекува да се одржи денеска, а на него, според најавите, треба да учествуваат сите засегнати страни кои низ дијалог ќе го донесат најприфатливото решение.

На состанокот, како што изминатите денови најавија премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, ќе се разговара за можноста за промена на методологијата која би се донела низ дијалог со сите страни.

Процесот ќе се одвива низ отворен дијалог и меѓусебно разбирање на сите засегнати страни, исто како што се одвиваше и процесот врзан за покачување на минималната плата, порачаа владините претставници.

Премиерот најави дека покрај зголемувањето на пензиите, ќе следува и дополнителен финансиски пакет за помош на околу 330.000 пензионери.

„Во однос на зголемувањето на пензијата, ние веќе имавме едно усогласување кое што се случи и ни следува уште едно усогласување кое што ќе се случи на средината на годината. Дополнително, со оглед на тоа што се работи за година на економска криза, предизвикана од енергетската европска криза, ние веќе правиме анализи за дополнителна финансиска помош за пензионерите која според анализите, ќе биде скалеста, односно оние кои што имаат најмали пензии да добијат најмногу, а оние кои што имаат повисоки пензии соодветно на тоа да добијат дополнителен износ.“ порача Ковачевски.

Тој нагласи дека носењето на оваа мерка ќе биде преку дијалог со цел да бидат задоволени сите страни.

„Анализите се прават, а разговорите започнуваат во петок, бидејќи сметаме дека како со минималната плата која се водеше низ дијалог, така треба да се усогласува и да се направи новата методологија за пензиите, бидејќи тоа е начин во кој што ќе бидат задоволни сите заинтересирани страни, како оние кои што се корисници на пензиите, така и институциите кои што треба тоа решение да го спроведат“ заклучи претседателот Ковачевски.

Слични содржини