Британскиот премиер Борис Џонсон изјави во интервју за Би-Би-Си дека постојат индиции дека Русија ја планира „најголемата војна во Европа од 1945 година“.
Разузнавањето сугерира дека Русија има намера да изврши напад за да го опколи украинскиот главен град Киев, рече Борис Џонсон. Тој додаде дека луѓето треба да ја сфатат вистинската цена за губење на човечки животи, доколку тоа се случи.
Британскиот премиер даде интервју од Минхен, каде што се одржува годишната конференција за безбедносни прашања.
Според американската влада, бројот на руски војници кои моментално се стационирани на границите на Украина со Русија и Белорусија е меѓу 169.000 и 190.000. Западните политичари во последните неколку недели предупредуваа дека Русија е подготвена да ја нападне Украина во секое време, но Москва ги негира обвинувањата и вели дека во регионот се одржуваат само воени вежби.
Запрашан дали е неизбежен руски напад, Џонсон рече: „Се плашам дека податоците го покажуваат токму тоа“.
Борис Џонсон разговарал во Минхен со западните лидери и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.