Апликацијата „Truth Social“, која ја создаде поранешниот американски претседател Доналд Трамп, би можела да се најде на „App Store“ од понеделник, 21 февруари, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на соопштението на еден службеник за тест верзијата на споменатата апликација.
Лансирањето на апликацијата би значело враќање на Трамп на социјалните мрежи, кому повеќе од една година му е забранет пристапот на Твитер, Фејсбук и Јутјуб.
На Трамп му беше забранет пристапот до најпопуларните социјални мрежи по упадот на неговите поддржувачи во американскиот Капитол во Вашингтон на 6 јануари 2021 година.
На 15 февруари, Доналд Џуниор, најстариот син на Трамп, објави видео на Твитер на кое пишува: „Подгответе се! Вашиот омилен претседател се враќа наскоро!“
„Оваа недела ќе започнеме со појавување на „App Store“. Тоа ќе биде одлично, бидејќи ќе добиеме многу повеќе луѓе кои ќе бидат на платформата“, изјави за Фокс њуз поранешниот шеф на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом на САД, Девин Нунес.
Да потсетиме, во октомври минатата година Трамп најави лансирање на сопствена социјална мрежа, која, како што рече, треба да се спротивстави на тиранијата на технолошките гиганти.
Во таа насока, Трамп основа целосно нова медиумска компанија „Trump Media & Technology Group“, наведувајќи дека новата платформа ќе се спротивстави на либералниот медиумски конзорциум од Силиконската долина.