Европската фудбалска централа најверојатно ќе го премести финалето на Лигата на шампионите.
Натпреварот за трофејот на овогодинешното издание на турнирот треба да се одигра на 28 мај во „Газпром Арена“ во Санкт Петербург. Тензиите меѓу Русија и Украина и неодамнешните дејствија на рускиот претседател Владимир Путин, кој вчера ги призна Доњецката и Луганската народна република, а потоа испрати руски војници во областите, веројатно ќе ја принудат УЕФА да бара друг домаќин за финалето.
Се чини дека конфликтот ќе се одолговлекува, а ЕУ речиси сигурно ќе воведе санкции кон Русија. Оваа политичка ситуација неминовно ќе влијае на одлуките што ќе ги донесе УЕФА. Според англиските медиуми „Вембли“ има големи шанси да биде домаќин на финалето.
Минатата сезона, УЕФА исто така мораше да направи промена во домаќинството, откако поради ограничувањата за коронавирусот во Турција, финалето беше преместено од Истанбул во Порто.