Последици од одлуката на Путин: Паѓаат акциите, цената на нафтата расте

од Vladimir Zorba
255 прегледи

Акциите на светските пазари драстично паднаа, додека цените за безбедни засолништа, како нафтата и златото, се зголемија бидејќи источна Европа е на работ на војна, откако рускиот претседател Владимир Путин ги призна самопрогласените региони Доњецк и Луганск во источна Украина.

Попатно, освен што ги призна двата одметнати проруски региони, тој и нареди на руската армија веднаш да маршира кон источна Украина во „мировна операција“.

Ова предизвика силна осуда од Западот, повици за санкции и ги засили стравувањата дека војната е на хоризонтот во Источна Европа.

Како резултат на тоа, индексот на фјучерси S&P 500 е намален за 1,5 отсто на Волстрит, а паднаа и европските фјучерси индекси.

Курсот на руската рубља падна во однос на доларот на најниско ниво во последните 18 месеци, додека рускиот индекс MOEX потона за повеќе од 10 отсто.

„По овој руски потег, поблиску сме до воена интервенција, што секако носи голем ризик на пазарите. Очекувам зголемена пазарна нестабилност на краток рок, пораст на цените на нафтата и пад на цените на акциите. Инвеститорите ќе бараат засолниште за капитал во побезбедни инвестиции, како што е јапонскиот јен“, рече Карлос Казанова, економист во UBP.

На валутните пазари вредноста на доларот порасна во однос на шесте најважни светски валути.

Цените на нафтата значително пораснаа, приближувајќи се до новите највисоки нивоа за повеќе од седум години, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето со енергија на Русија.

На лондонскиот пазар цената на барелот скокна за 1,5 отсто на 96,80 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 3,05 отсто на 93,85 долари.