Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека руското признавање на источните украински провинции под контрола на сепаратистите Луганск и Доњецк е почеток на инвазијата на Путин на таа земја. Претседателот на САД најави и нови санкции против Москва.
„Синоќа рускиот претседател најави дека ќе пресече дел од Украина. Слушајќи го неговиот говор, јасно е дека Путин подготвува аргументи за да оди уште подалеку. Ова е почеток на неговата инвазија на Украина“, рече Бајден.
Тој најави и дека САД ќе воведат уште повеќе санкции доколку Русија продолжи со инвазијата на Украина.
„Што побогу мисли Путин дека му дава право да ги признае новите таканаречени држави лоцирани на територијата на соседната земја? Тоа е кршење на меѓународното право. Му реков на Путин дека ќе дејствуваме заедно кога Русија ќе тргне кон Украина, а токму тоа го прават сега. Денеска ги објавувам првите санкции за двете најголеми руски финансиски институции“, изјави претседателот на САД.
Бајден, исто така, рече дека САД и сојузниците во НАТО „ќе ја бранат секоја педа од територијата членка на НАТО“.
„Украина е сè уште опкружена со повеќе од 150.000 руски војници. Не ви требаат залихи со крв ако не мислите дека започнувате војна. Одбраната на слободата ќе има своја цена, и за Америка и за другите Но, ќе се погрижиме цената на санкциите да оди На сметка на Русија, а не на другите земји. Се обидуваме да ги обезбедиме светските енергетски резерви“, рече Бајден.
Тој оцени и дека Путин во вчерашниот говор се вратил неколку години наназад.
„Немаше знак дека сака да започне вистински дијалог. Тој го нападна правото на Украина да постои, го загрози територијалниот интегритет, а тоа е закана за членките на НАТО. Нема грешка, Русија е агресор“, рече американскиот претседател.