Украинскиот претседател Владимир Зеленски доцна синоќа изјави дека Русија ја одобрила офанзивата врз Украина и дека рускиот претседател Владимир Путин не одговорил на неговиот повик за разговори.
– Денеска иницирав телефонски разговор со претседателот на Руската Федерација. Не добив одговор, само молк, иако во Донбас треба да има молк, рече Зеленски.
Претседателот на Украина изјави дека Русија ја одобрила офанзивата против Украина. Тој исто така додаде дека Украина не претставува закана за Русија и дека на неговата земја не и треба војна.
Во видео обраќањето, Зеленски рече дека околу 200.000 руски војници и неколку илјади борбени возила се во близина на границата со Украина.
Украинскиот претседател ова го изјавил во десетминутно обраќање до граѓаните на платформата Телеграм, пренесе Ројтерс.
Зеленски во своето обраќање пред граѓаните зборувал на украински и руски јазик.