Украински пратеник за „Локално“: Со нападот на Русија се менува светскиот поредок

од Nikola Popovski
435 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин одговори на барањето на сепаратистичките лидери лојални на Москва. Во телевизиско обраќање рано утрово Путин рече дека Русија не може да толерира закани од Украина. Тој ја одобри воената операција во Донбас во Украина и ги повика вооружените сили во Украина да го положат оружјето.

Путин додаде дека Русија нема за цел да ја окупира Украина. Шефот на Кремљ нагласи дека за крвопролевањето е одговорен „режимот“ во Киев. Во исто време, тој го предупреди Западот дека секој обид за мешање ќе доведе до последици кои „досега не се видени“.

Во обид да дознаеме повеќе за деескалацијата на состојбата, „Локално“ контактираше со дел од украинските политичари. Според Олексиј Гончаренко, пратеник во Народното собрание на Украина, признавањето на Доњецк и Луганск е кршење на меѓународното право, на сите обврски преземени од Русите и тоа е директна агресија со употреба на руска војска со кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

-Тоа предвидува целосно признавање, економска и финансиска соработка (што е целосно финансирање на овие региони од Русија) и воена соработка – што во основа ги користи руските трупи на овие територии за да ја испровоцира Украин, вели Гончаренко во разговор за нашата редакција.

Украинскиот пратеник смета дека во договорот на Русија со сепаратистичките региони дефинитивно постои некаква наративна корелација, но не гледа вистинска некакво поврзување со признавањето на Косово

-Работите што ги прави Русија се од друга димензија. Во последните осум години постојано сме во закана од голем конфликт. Сепак, решителноста на украинскиот народ и решителноста на нашите западни сојузници може да ја свртат оваа ситуација, појаснува Гончаренко.

Политичарот вели дека навистина се менува светскиот поредок со овој потег.

-Тоа го поткопува постоечкиот поредок заснован на меѓународното право и специфичен збир на правила. Сепак, не сум сосема сигурен какви точни промени има на ум господинот Вучиќ. Сè уште има место за дипломатија, но топката е на руската страна – тие мора веднаш да се деескалираат и да ги повлечат своите сили и нивното нелегитимно признавање, објаснува Гончаренко.

Тој го поздравува сиот притисок што сојузниците можат да го направат врз Русија.

-Се надеваме дека во нивната финална верзија ќе бидат доволни. Терористите на таканаречените ЛПР и ДПР сè уште ги гранатираат сопствените позиции за да создадат слика за „украински напад“. Но, сето тоа е провокација и нивна пропагандна глупост. Нашите сили остануваат на своите позиции и не спроведуваат офанзивни операции, потенцира Гончаренко и додава дека тоа е е вистинската позиција.

-Време е да бидеме обединети – како Украинци, не само како опозиција и мнозинство. Мора да ја браниме нашата земја и нашиот суверенитет, категоричен е Гончаренко.

Н.П.